1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Далеку од очите-далеку од парите

13 јуни 2010

Управниот одбор на ЗЕЛС реши до крајот на 2010 година да отвори лоби-канцеларија во Брисел, со цел да се подобри пристапот на македонските општини до европските финансиски фондови.

https://p.dw.com/p/NpcZ
Фотографија: dpa - Fotoreport

Управниот одбор на Заедницата на единици на локална самоуправа на Македонија на својата последна седница, одржана кон крајот на минатиот месец во Куманово, одлучи да ги забрза активностите за отворање своја постојана лоби - канцеларија во Брисел, поблиску до седиштето на Европската унија. Договорено е некаде до септември годинава да се дефинираат и завршните одлуки за отворање на канцеларијата, односно, ова да биде направени до крајот на 2010 година.

Според Душица Перишиќ, извршната директорка во асоцијацијата на македонските општини, во Брисел ќе има постојано вработен претставник во бриселската канцеларија, чие функционирање, ќе значи: „ ... можност, кога ќе се одредуваат различни фондови, да има колку е можно поголемо учество на општините од Република Македонија за користење на тие фондови; информирање на сите општини од земјата, дури и предвремено, кои фондови ќе се отвораат наскоро, за да можат тие единици на локална самоуправа да се подготват за тоа.“

Гордана Давкова – Силјановска, професорка по политички науки на државниот универзитет во Скопје и експерт за локална самоуправа, предупредува:

„Не е доволно да се отвора канцеларија, туку треба таа да функционира, да доведе до резултати. Многу важно ќе биде кој ќе биде во таа канцеларија, каков лобист е, бидејќи лоби – групите се многу важни во процесот на одлучувањето во Брисел.“

За иницијативата за отворање евроканцеларија на ЗЕЛС, за да не доживее неуспех, како идејата за економските промотори на Македонија во светот, според Нано Ружин, професор по политички науки на ФОН Универзитетот во Скопје, потребно е следното:

„Таа канцеларија мора да има логистичка поддршка од тамошната лоби – мрежа, треба да се вклопи во неа. Во спротивно, ќе се претвори во обично претставништво, каде што ќе се трошат пари, а нема да има финансиски фидбек, нема да има мобилизација и префрлување средства од фондовите на Европската унија кон Македонија, во општините.“

Гевгелија со 514 илјади евра од ЕУ ќе го реконструира народниот театар

Иван Франгов, градоначалникот на Гевгелија, општината која е на самата порта на Европа, до границата со Грција, е категоричен во врска со лоби – канцеларијата на ЗЕЛС во Брисел:

„Не верувам дека таа канцеларија ќе биде празно сценарио. Преку неа ќе можеме да презентираме кои се можностите на општините, кои ни се потребите и како да дојдеме послесно до контактите и до реализација на проектите.“

„Гевгелија доби 514 илјади евра од Европската унија за реконструкција на својот народен театар и овие работи треба за започнат есента оваа година“, вели градоначалникот Франгов, подвлекувајќи дека гевгелиската општинска администрација е веќе оспособена да изработува и да конкурира со квалитетни проекти за парите од европските фондови.

Musa Dzaferi Mazedonien
Министерот Муса Џафери(лево) со Фатмир Изаири, градоначалник на Желино и претседател на Полошкиот развоен регионФотографија: DW/Toevski

Министерот за локална самоуправа Муса Џафери изнесува една констатација општa за најголемиот број општини во земјата: „Можеби тука би требало да се дообучува таа администрација во процесот на искористување на европските средтва од ИПА и другите фондови. Ние, во министерството имаме една проектна идеја за тренинзи на локалните администрации дури и преку еден постојан центар за тоа.“

„Македонија не беше иницијативна досега во предложувањето европски проекти“

Професорката Давкова – Силјановска во оваа смисла дополнува: „Треба да имаме предлози, идеи и иницијативи од Македонија според европска методологија, за да има за што да лобира лобистот! Проблемот на Македонија е што не беше доволно иницијативна досега, значи, не предлагаше проекти, за да може да добие средства.“

Професорот Ружин се надоврзува во овој контекст:

„Ги имаме луѓето од Брисел, кои сакаат да работат со Република Македонија, дури, во времето пред локалните избори во земјата, некаде во 2008 година тие дојдоа да комуницираат со нас, беше остварен контакт со тогашниот градоначалник на Скопје и со други градоначалници, кои искажаа интерес за отворање таква канцеларија. Но, по изборите работите се ‘замрзнаа’ ... “

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска