Г8 бара преодна влада во Сирија
18 јуни 2013Русија и нејзините партнери од Групата 8 се заложија за преодна влада во Сирија, за да се стави политички крај на граѓанската војна во таа земја.
„По прашањето на Сирија е постигнат пробив. Тоа е многу добра порака“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на маргините на самитот на Г8. Како што подвлече Меркел, по повеќечасовни преговори е договорена втора конференција за Сирија што ќе се одржи во Женева, а чија цел ќе биде создавање преодна влада во Сирија со полна егзекутивна моќ. Освен тоа, договорено е ОН да извршат истрага - дали во Сирија се употребува хемиско оружје. За резултатот од истрагата потоа ќе дебатира Советот за безбедност на ОН.
Според информации од кругови на делегациите на самитот на Г8 се вели дека во завршната декларација ќе биде изоставено прашањето за идната улога и политичката иднина на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Шефовите на држави или влади на Г8 два дена се расправаа околу проблемот на Сирија и се обидуваа да најдат заеднички јазик. Рускиот претседател Владимир Путин главно беше целосно изолиран со својот став. Дипломатите тврдат дека сега и тој се согласил со текстот на изјавата.
Русија, покрај Иран, е најблизок сојузник на Асад и му лиферува оружје на режимот во Сирија. САД, Велика Британија и Франција соопштија дека имаат докази за употреба на отровен гас од страна на режимот. Затоа сега трите држави размислуваат да почнат да ги вооружуваат бунтовниците.
На самитот на Г8, како што се наведува од дипломатски извори, е договорена и нова помош за жртвите во сирискиот конфликт. Таа ќе изнесува над милијарда долари. Германската канцеларка Ангела Меркел уште ноќеска (17/18.06) најави двојно зголемување на германската помош за сириските бегалци. Според Меркел, состојбата на бегалците е драматична. Германската влада сака да ја зголеми хуманитарната помош за 200 милиони евра уште во текот на годинава.