1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

250909 Pittsburgh Abschluss

26 септември 2009

Дваесетте најразвиени економски земји и земји во подем направија исчекор во креирањето нова финансиска архитектура. На самитот во Питсбург, Г20 постигна согласност околу воведувањето нови правила во финансискиот свет.

https://p.dw.com/p/JpSo

Групата 20 најважни економии во светот покажа способност за преземање акција и по самитот во Питсбург може да се каже дека светските финансиски пазари во иднина ќе бидат поотпорни на кризи, иако пред почетокот на самитот ретко кој веруваше дека ќе се постигне согласност.

Американскиот претседател Барак Обама, заедно со Британците отвори нова линија на фронтот, кога на дневен ред беше борбата против нееднаквоста меѓу различните економски зони. Германците и Французите, пак, сакаа да се зборува за новата структура на финансиските пазари, како што беше и претходно планирано.

Steinbrück und Merkel auf Pressekonferenz
Штајнбрик и МеркелФотографија: AP

На крајот и едното и другото се најдоа во завршниот документ - и сите можеа задоволни да се вратат во своите татковини. Меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел, на која утре и` претстојат парламентарни избори во Германија: „Се враќаме со поголема сигурност за германските даночни обврзници дека ваква криза нема веќе да се повтори. Се концентриравме за подобрувањето на архитектурата на финансиските пазари и како дополнување на она што беше договорено во Лондон разговаравме и за системите за наградување на менаџерите. Тука е и прашањето, дали преголемите финансиски институти треба да вршат притисок врз државите? И во двата случаи направивме значителни исчекори“, истакна канцеларката, која беше особено задоволна од тоа што времето на неконтролирани исплати на бонуси за банкарите ќе стане минато.

До крајот на годината нови правила

До крајот на годината секоја земја треба да воведе сопствени правила како ќе го регулира ова, но во секој случај и тука има јасни насоки: тие треба да се засноваат на долгорочен успех и да постои можност да се укинат, доколку се покаже спротивното. Освен тоа, банките во иднина треба да ги зголемат своите депозити, за со тоа да станат поотпорни на финансиски ризици. На тој начин, ако некоја голема банка се најде пред банкрот, нема да може да ја уценува државата да ја спасува со финансиски шприцеви. Германскиот министер за финансии, Пер Штајнбрик, сумираше: „Сметам дека на вработените во финансискиот сектор ширум светот требаше да им биде јасно дека нема да се вратиме на поранешниот статус кво, дека нема да се вратиме на навиките кои беа присутни пред финансиската криза“, истакна Штајнбрик.

G-20 Weltwirtschaftsgipfel Gruppenbild
Г20 во ПитсбургФотографија: AP

Сето ова е резултат на десетмесечните подготовки во рамките на Групата 20. Овие земји претставуваат две третини од светското население, четири петини од светската трговија и 90 проценти од светската финансиска сила. Со заклучоците од Питсбург, групата се претвори во нешто слично на светска економска влада.

Автор: Херник Беме / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска