Г20: На Европејците им се држат лекции
19 јуни 2012Расположението меѓу најсилните светски економии, дел од Г20, беше лошо: Во спорот околу изнаоѓање патишта за јакнење на порастот Европејците во Лос Кабос мораа да „слушнат лекција“. Во тонот умерени, но во реакцијата за европската должничка криза цврсти - американскиот претседател Барак Обама, кинескиот претседател Ху Џинтао и индискиот премиер Манмохан Синг очекуваат убедливи и трајни решенија на Европејците за нивните домашни проблеми.
Меркел и Обама се залагаат за поголема европска интеграција
Ова не му се допадна на претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Баросо: „Искрено кажано, не дојдовме овде да слушаме лекции за демократија и економска политика“. Кризата не ја предизвика Европа, туку започна во САД. Потоа беа инфицирани европските банки, подвлекува Баросо.
Повеќемина европски претставници, меѓу нив и канцеларката Ангела Меркел, уште пред средбата се спротивставија на тоа на Европа да и‘ се префрли целата вина за слабоста на светското стопанство. За темата кризен менаџмент Германија и САД се согласија дека е потребна потесна соработка во Европа, за да се надмине кризата во еврозоната. Меркел и Обама на средбата на маргините на самитот на Г20 во Мексико се согласиле и „дека се неопходни натамошни чекори за политичка интеграција“, се вели од германски владини кругови.
Г20 бара Европа да си ги изврши обврските
Водечките економии во светот бараат од државите од еврозоната конечно да вложат поголеми напори за да и‘ се стави крај на должничката криза. Во предлог-завршната декларација на Г20 тие им ветуваат на земјите партнери дека ќе ги преземат сите потребни политички мерки за обезбедување на интегритетот и стабилноста на монетарната унија. Првенствено треба да се смират финансиските пазари, да се поврати довербата и да се обезбеди постојан пораст, се вели во документот, кој треба да биде усвоен денеска по дводневните советувања во мексиканскиот град Лос Кабос.
На дневен ред на самитот на Г20 освен должничката криза се и темите: натамошно регулирање на финансиските пазари, фер светска трговија, како и заклучоци за развојот на посиромашните земји.
Земјите членки на Г20 вкупно сочинуваат речиси 90 проценти од светското економско постигнување и застапуваат две третини од светското население. Самитот во Лос Кабос е седми по ред во ваков формат.