Гутенберг - млад и економски неискусен?!
10 февруари 2009Поранешниот премиер на покраинската влада за Баварија, Гинтер Бекштајн, јавно го критикуваше стилот на раководење на актуелниот претседател на Христијанско-социјалната унија и премиер на баварската влада, Хорст Зехофер. Тој смета дека досегашниот министер за економија, Михаел Глос, требало да добие поголема поддршка од претседателот на неговата партија, како и од сите други учесници во политичкиот процес, наместо да биде едноставно сменет.
Незадоволство од изборот на новиот министер за економија доаѓа и од водечкиот експерт за економски прашања на парламентарната група на ЦДУ и ЦСУ, Ото Бернхард. „Гутенберг е способен за министерско место, но до сега се профилираше пред се’ како специјалист за надворешна политика. Ова персонално решение покажува уште еднаш дека во партиите на унијата нема доволно млади политичари со економски потенцијал.“
На критиката на Бернхард и’ се приклучи и членот на парламентарната комисија за економски прашања Андреас Лемер, исто од ЦДУ, кој смета дека во време на светска економска криза ова министерство требаше да го преземе некој докажан економски експерт.
И опозицијата критикува
Критика на начинот како беше сменет претходниот министер Глос дојде и од редовите на социјалдемократската партија. Нејзиниот претседател Франц Минтеферинг оцени: „Играта што ја одиграа партиите на Унијата не е добра општо за политиката. Тоа е нивна работа, но јас сакам нашата земја да не се најде во лошо светло“ - порача Минтеферинг и додаде дека оставката се случила на недостоинствен начин. Партискиот претседател требало да му даде дополнителна поддршка на Глос, а не на брзина да му ја одземе функцијата.
И шефот на Либералите Гидо Вестервеле оцени дека целата афера со сменувањето на Глос е лоша за имиџот на земјата. А еден од водечките политичари на Партијата на Зелените и поранешен министер, Јирген Тритин, оцени: „Имаме ситуација во која на местото на апчето за спиење сега доаѓа млад практикант без искуство!“
Поддршка од Брисел
Заменик претседателот на Европската комисија и еврокомесар за индустрија, Гинтер Ферхојген, го поздрави именувањето на Гутенберг. „Го ценам како многу талентиран млад политичар и сметам дека ќе имаме пријатна и плодна соработка. За мене е најважно Германија, како најголема членка на Унијата и најголема стопанска сила во ЕУ, да биде соодветно претставена во Брисел. Дека тоа новиот министер може да го оствари, не се сомневам ни најмалку“ - порача еврокомесарот Ферхојген.
Новиот министер Карл Теодор цу Гутенберг, пак, во интервју за Втората програма на германската телевизија, синоќа изјави: „Во светската економска криза се наоѓаме во фаза во која се бара способност за дејствување, пасија за економска политика и во која сите мораме да си дозволиме одредена флексибилност за да се соочиме со оваа несекојдневна состојба.“