1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Гугл“ го крие бројот на пристигнати жалби

15 октомври 2010

Денеска истекува рокот за жалби на граѓаните, кои не сакаат нивниот имот да биде прикажан на услугата „Стрит вју“ на „Гугл“. Концернот тврди дека нема да го стартува сервисот, се` додека не бидат обработени сите барања.

https://p.dw.com/p/PdZq
„Опасните“ автомобили-фотографиФотографија: picture-alliance/dpa

Интернет-концернот „Гугл“ планира до крајот на годинава услугата „Стрит вју“ да биде достапна и за дваесет германски градови. За таа цел автомобили на компанијата, опремени со специјални камери за снимање, неколку месеци возеа по германските улици, снимајќи се` што ќе им се најде на патот - куќи, училишта, споменици, па и самите жители. Ова ги вознемири поборниците за заштита на приватните податоци во земјата, кои побараа од „Гугл“ да ги замагли лицата на минувачите. Освен тоа, секој има право да поднесе барање до компанијата за отстранување на целиот негов имот од снимките што ќе се појават на интернет.

Министерката за заштита на потрошувачите, Илзе Аигнер, во вторникот го обвини концернот за прикривање на бројот на пристигнатите жалби. Според неа, најверојатно стотици илјади граѓани веќе поднеле барање до „Гугл“ за отстранување на нивниот имот од „Стрит вју“, меѓутоа интернет-гигантот одбива да ги соопшти точните бројки. Портпарол на „Гугл“, пак, на ова одговори дека се` додека рокот не заврши и додека не се обработат сите пристигнати барања, компанијата не може на маса да изнесе конкретни податоци.

Министерката Аигнер истовремено нагласи дека дури и по поминувањето на рокот за поднесување на жалбите, граѓаните ќе можат во секое време да побараат од компанијата да ги отстрани нивните лични податоци од интернет. И „Гугл“ потврди дека услугата ќе стартува дури откако ќе бидат обработени сите жалби и откако ќе се расчисат сите дилеми околу заштитата на податоците на германските граѓани.

Секој има право да ги контролира сопствените податоци

Google Street View Symbolbild
Колку се опасни сервисите како „Гугл мепс“?Фотографија: picture-alliance/dpa

Според информации на „Гугл“, еден милион Германци секојдневно ја користат услугата „Стрит вју“, за виртуелно да посетат некоја од светските метрополи. Меѓутоа, кога „Гугл“ реши он-лајн да ги стави германските градови, наиде на отпор од германските жители и поборници за заштита на приватните податоци. „Проблемот со ’Гугл стрит вју’ е тоа што компанијата, без прeтходно да праша, ги сними куќите и улиците во Германија, а луѓето воопшто не знаат како тие податоци ќе бидат искористени“, вели Георг Шеф, издавач на локален весник во градот Инголштат во покраината Баварија.

Ова се коси со законот во Германија, бидејќи Уставниот суд утврди дека секој граѓанин треба да ја има контролата врз тоа кој ги има неговите приватни информации и за кои цели ги користи.

Мислењата на жителите се различни. Некои сметаат дека дебатата во Германија е непотребна, бидејќи е сеедно дали ќе поминете покрај некоја куќа „во живо“, или, пак, ќе ја видите на интернет. Други, пак, го почитуваат правото секој сам да одлучи за своите лични податоци.

Сепак, германската влада е одлучна во иднина ништо да не му остава на случајот. Таа на стопанството му постави рок до 7. декември да изготви кодекс за заштита на податоци при користењето интернет-сервиси за картографски пребарувања, од типот на „Гугл мепс“.

Автор: ТТ/ ГЧ/ дпа/ дв

Редактор: Александра Трајковска