1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките (пропаднати) соништа за приватизација

Ј. Пападимитриу/ дв/ А.Трајковска16 јуни 2013

Приватизацијата на грчкиот снабдувач со гас „Депа“, која се сметаше за сигурна, пропадна. Тежок удар за Грците, бидејќи се заканува финансиска дупка од една милијарда евра.

https://p.dw.com/p/18pDY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ќе купат Русите или не? Ова прашање со месеци беше актуелно меѓу грчките владини политичари. На моменти тие значајно молчеа, на моменти пак се туркаа пред камерите и се смешкаа заедно со директорот на „Газпром“ Алексеј Милер. Пораката на Атина гласеше: Да, Русите ќе го купат мнозинскиот удел, кој грчката влада го има во енергетскиот гигант „Депа“ и на тој начин свесно ќе инвестираат во толку посакуваното опоравување на грчкото стопанство.

Меѓутоа, од понеделникот (10.06.) конечно се знае дека Русите нема да го купат грчкиот енергетски гигант. На тој ден истече рокот на грчката влада за собирање на понуди, а „Газпром“ воопшто не поднесе понуда - официјално поради „недостиг на државни гаранции“, се вели од седиштето на рускиот гигант во Москва.

Gasprom Schriftzug in St. Petersburg
„Газпром“ не достави понуда до грчката влада за енергетскиот концерн „Депа“Фотографија: picture alliance/R. Goldmann

Веднаш потоа стигнаа и нападите од грчките медиуми. „На владата и‘ снемува гас“ се исмејуваше левичарско либералниот „Весник на уредници“ за пропаѓањето на приватизацијата со симболичен карактер. Исто така и конзервативно-либералниот весник „Катимерини“, кој во моментов е близок до премиерот Самарас, даде оддишка на националниот бес: „Блиските односи на 'Газпром' со Кремљ доведоа до редица погрешни стратегии“, смета коментаторот на весникот. Според нејзино мислење, се чини дека „Газпром“ не ги разбирал „законите на пазарот“ и имал проблеми со сфаќањето на насоките на Европската унија против монопол.

Впрочем и повеќето други критики многу помалку се занимаваат со евентуалните сопствени пропусти и преголеми очекувања, отколку со виновниците надвор од грчката влада: и во управата на „Газпром“ и во Брисел. Така на Русите им се забележува дека „премногу очекувале“, а тука се и критиките за ЕУ која би можела да стави вето за да спречи монопол на државен концерн среде Европа. Во секој случај, како што се тврди, Атина постапувала добро.

Конзервативниот ЕУ-пратеник и професор по физика на универзитетот во Солун, Јоанис Цукалас, смета дури дека пропаѓањето на приватизацијата на „Депа“ и' користи на владата на Самарас: „Русите му направија услуга на Самарас“, појаснува Цукалас за ДВ. По последните случувања, шефот на грчката влада не мора повеќе да се правда пред Комисијата на ЕУ и ќе имал одврзани раце при наредниот тендер за грчкиот монопол за гас.

Цукалас не е познат по тоа дека се умилкува кај партиското раководство, напротив: професорот по физика е познат по остри зборови и честопати застапува сопствено мислење. Но, што се однесува до темата приватизација, тој е на страната на Самарас. Овој професор и политичар го повикува и Брисел „конечно да каже што сака, и да одлучи дали ги поддржува или не напорите на грчката влада за приватизација“. Цукалас потсетува дека самите Европејци покажаа малку интерес за откуп на грчкиот имот, на што дискретно беа повикани, а сега сигнализираат дека ќе има проблеми доколку Русите го купат енергетскиот гигант. Доколку Грција не сака да продава ќе има проблеми, а доколку државата сака да продава, дури тогаш ќе има уште поголеми проблеми. Таквиот став не е фер, смета грчкиот претставник во Европскиот парламент.

Gas Pipelines in Griechenland ARCHIVBILD 2009
Поради пропадната приватизација на енергетскиот концерн помалку пари во државната благајнаФотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images

Уште во 2010 година тогашната социјалистичка влада на премиерот Јоргос Папандреу им гарантираше на меѓународните кредитори со 50 милијарди евра од приватизација на државните претпријатија, но оттогаш малку работи се променија.

Дури пред неколку месеци конзервативнитиот премиер Самарас одлучно се залага за продажба на државниот имот, но досега со скромен успех. На почетокот на годината беше продадено земјиште со шума, приватно езеро и долго крајбрежје на островот Крф на еден странски инвеститор, а успеа и приватизацијата на државната лотарија, иако во овој случај Атина очекуваше повеќе пари отколку 600 милиони евра.

EU Haushaltsgipfel Antonis Samaras
Премиерот СамарасФотографија: Reuters

Владата очекуваше со приватизација на енергетскиот концерн „Депа“ конечно да биде постигнат пробив со инвестициите, но наместо тоа доживеа фијаско. Коментаторот и фељтонист Никос Ксидакис во дневниот весник „Катимерини“ стравува дека „пропаѓањето ќе го закочи новораспламтениот оптимизам, дека странските инвеститори својот капитал засилено ќе го вложувале во Грција“. При зделките во последно време, грчката влада оддава впечаток дека и‘ се врзани рацете, претпоставува Ксидакис. Можно е тоа да е поради отпорот однадвор, но и од моќното лоби во земјата. Во секој случај, некогаш амбициозната програма за приватизација во висина од 50 милијарди евра се намали само на уште неколку милијарди и дури и таа сума се става под знак прашање, смета атинскиот коментатор.

Од друга страна, трошоците течат и благајната на Атина е се' попразна. Затоа владата на Самарас се „сети“ на 300 милиони евра, кои секоја година одат во државната телевизија и практично со еден потег го пресече овој издаток. Дали тоа ќе и' помогне на оваа грчка влада е големо прашање, оти не само што тоа нема да биде доволно за грчкото стопанство конечно да застане на нозе, туку и коалициониот партнер јасно сигнализираа дека не се согласуваат со затворањето на државната телевизија.