Грчките полицајци се судрија меѓусебе
6 септември 2012Грчките полицајци кои протестираат против мерките за штедење го блокираа во четвртокот влезот во седиштето на специјалната полиција спречувајќи ги автобусите со припадниците на специјалните сили да тргнат на местата на одржување на големите протести овој викенд.
Меѓу припадниците на специјалната полиција коишто се обиделе да го ослободат влезот и неколку десетици припадници на синдикатот на грчката полиција избиле помали судири. Полицајците, од кои некои биле во униформи, извикувале пароли против мерките за штедење и носеле транспаренти.
Еден од учесниците на полицискиот протест за Ројтерс рекол дека полицајците демонстранти „нема да ги пуштат автобусите на специјалната полиција да тргнат кон Солун“, каде овој викенд се одржува голем стопански саем, но се најавени големи протести против мерките за штедење.
Репортерите на агенциите јавуваат дека се добивало впечаток дека некои од припадниците на специјалната полиција не сакале да се судрат со своите колеги во униформи. „Тие нe тераат на тоа да се бориме со сопствените браќа“, рекол еден од нив.
Овие протести се одржуваат и поради најновите намери на коалициската влада на конзервативецот Антонис Самарас која во настојувањата за кастрење на јавната потрошувачка сака да ги намали меѓу другото и издвојувањата за полицијата.