Грчкиот парламент го одобри вториот пакет помош
21 март 2012Парламентот во Атина со големо мнозинство го усвои вториот пакет за финансиска помош. Против пакетот тежок 130 милијарди евра беа само пратениците на крајно левичарската и десно ориентираната опозиција. Претходно, согласност даде и Еврогрупата. Парламентот со ова ги усвои сите закони на преодната владата на финансискиот експерт Лукас Пападимос ,потребни да се избегне државен банкрот на Грција. Наредната недела ќе биде утврден датумот за предвремени парламентарни избори во земјата.
Грција избегна банкрот овој месец откако го потпиша договорот за заем, втор во изминатите две години, со држави од еврозоната и ММФ. Новиот кредитен договор беше официјално одобрен од грчката влада на 14 март. Во понеделникот државата доби прва транша од заемот во износ од 7,5 милијарди евра.