1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчкиот „летечки лекар“ останува зад решетки

Јанис Пападимитриу/ Александра Трајковска1 март 2013

Такво нешто во Грција немало никогаш досега: Поради проневера екс-градоначаникот на Солун е осуден на доживотна казна затвор. Тој тврди дека е жртвен јарец.

https://p.dw.com/p/17oWe
Фотографија: Reuters

Драконската пресуда е донесена против поранешниот пратеник на конзервативната Неа демократија и поранешен градоначалник на Солун, Василис Папапјоргопулос. Судот го прогласи 66 годишниот политичар за виновен, дека за време на неговиот мандат од 1999 до 2010 година, проневерата на државни пари во висина од 18 милиони евра, во најмала рака ја одобрил. Неговата поранешна десна рака во градското собрание Михалис Лемусиас како и поранешниот финансиски управник на градот Солун Панајотис Саксонис исто така добија доживотна казна затвор.

Папапјоргопулос одлучно ги отфрла обвинувањата и вели дека се работи на „политички мотивиран процес“. Тој најави дека ќе ја обжали пресудата. Сепак Папапјоргопулос ќе остане во затвор и до наредната одлука мора да ја дели затворската ќелија со уште девет затвореници. По објавувањето на пресудата во средата (27.02.) екс градоначалникот изрази негодување: „Некои луѓе ќе умрат со лоша совест“, рече тој во судницата. „Ние сигурно не“, му возвратил судијата.

Парите едноставно ставени во сопствениот џеб

Пресудата е напишана на 400 страници. Се чини дека е неспорно дека за време на мандатот на Папапјоргопулос исчезнаеле многу пари од градската каса. Прашањето гласи, кој точно и по чиј налог ги земал парите. Кога сканалот беше откриен пред пет години, политичарот одговорноста му ја префрли на финансискиот управник Саксонис и го пријави. Во 2010 година Саксонис беше уапсен и оттогаш тврди дека проневера на милионски суми без одобрување од градоначалникот воопшто не би можело да се изврши. Ваквиот став сега го прифатија и правосудните органи, барем во оваа инстанца.

Symbolbild Spende spenden Geld Euro Sack
Парите со вреќи биле извлекувани од градската касаФотографија: Fotolia/TwilightArtPictures

Ефтимос Кавкопулос за атинската ТВ станица Мега, целиот случај вака го опишува: „Саксонис беше одговорен за тоа, социјалните придонеси за сите градски службеници да бидат платени на време. На денот кога требало да се врши уплатата тој требал да издаде чек за да може директно да се плати осигурувањето. Наместо тоа парите од градската каса ги подигал во готовина. Тој профитираше од тоа што практично немаше контрола. Никој не проверуваше дали парите навистина биле уплатени во осигурителната каса“, смета Кавкопулос.

„А што всушнот имаше Саксонис од сето тоа?“ сакаат да знаат новинарите: „Мојот мандант по правило задржувал за себе десет проценти од проневерените пари, во договор со генералниот секретар на градот, остатокот му го предавал, спакувано во црни кеси“, тврди адвокатот.

Се затвораа двете очи

Генерален секретар и десна рака на градоначалникот тогаш беше Михалис Лемосиас. Според податоци на атинскиот „Весник на уредници“, кој исцрпно известува за пресудата од Солун, тој се обвинува и за други противправни активности: според образложението на пресудата Лемосиас им обезбедил вработување во градската управа на повеќемина лица од доверба, на пример на ќерка му, на неговиот зет, како и на синот на една жена, која му „подарила“ земјиште.

Thessaloniki - Weißer Turm
СолунФотографија: picture-alliance/dpa

Дали Папапјоргопулос за сето ова навистина ништо не знаел? Луѓе кои веруваат во тоа секако има. Поранешна раководителка на еден оддел во градската управа во Солун, која сака да остане анонимна, за локалниот весник „Агелиофорос“ вели: „Пресудата навистина е тешка. Папајоргопулос со сигурност не земал пари, но тој никогаш не контролираше, каде се влеваат парите. Тој препушти работите да се одвиваат сами по себе. Имено кога шефот на финансии одеднаш вози ’Порше’, води ноќен клуб и поседува сопствен кошаркарски клуб, тогаш мора да се посомневаш, дека можеби нешто не е во ред“.

На комуналните избори во 2010 година Василис Папајоргополус, кој во меѓувреме лично беше оспоруван во неговата партија, не се кандидираше повеќе за градоначалник. Тоа беше неславно заминување на човек, кој своевремено беше еден од најомилените политичари во земјата - пред се’ поради неговите достигнувања надвор од политиката. Овој заболекар во 70-тите беше најдобриот атлетичар-спринтер во Европа - и беше првиот Грк кој освои три медали на едно европско атлетско првенство. Тоа му го донесе и прекарот „летечки лекар“.