1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчката одисеја на сириските бегалски семејства

Марине Оливеси / Александар Методијев29 март 2013

Сиријците во моментов се втората најголема бегалска група која нелегално влегува во ЕУ. Најголем дел од нив пристигнуваат во Грција.

https://p.dw.com/p/185Sn
Syrien Flüchtlinge in GriechenlandФотографија: DW/M. Olivesi

Шеснаесет члена сириска фамилија само што беше пуштена од полициска станица во Митилини на грчкиот остров Лезбос. „Дали јадевте во притвор“, прашува локалниот активист Ефи Лацуди. „Дали редовно ви даваа храна“, продолжува тој. „Лоша храна“, одговара еден од тинејџерите. „А, колку дена бевте внатре“, повторно прашува активистот. „Четири дена со деца“, одговараат бегалците.

Активистот не е изненаден. Грчките власти рутински притвораат мигранти без документи и бегалци кога ќе пристигнат во Грција. За Сиријците нема исклучок. Тие минатата година беа втората најголема група бегалци, по Авганистанците, кои нелегално влегуваат во ЕУ, според Фронтекс - агенцијата за граници на ЕУ. Најголем дел од нив пристигнуваат во Грција, каде нивниот броју постојано расте. Според потполковникот Антониос Софијаделис, локален координатор меѓу крајбрежната стража на Лезбос и Фронтекс, „бегалскиот бран ненадејно избил минатото лето од копнената граница меѓу Грција и Турција до источните егејски острови“. Според него, со изградбата на гранична ограда и распоредувањето во областа Еврос на 2.000 граничари во август минатата година се промениле шверцерските рути. Оттогаш „нелегалните влезови се намлија на копнената граница, но драматично се зголемија на морската граница.. А, Лезбос е најпогоден остров“, вели Софијаделис.

Бегалците кои доаѓаат мораат да се регистрираат во полиција за да добијат документи, кои би им овозможиле да се качат на ферибот кон Атина. Со бело парче хартија и шест деца под рака сириско семејство брза за да ги купи билетите и да се качи на брод, за да замине истата вечер. Со седнувањето на столчињата во бродот на Сиријците им олеснува, иако се исцрпени. „Уморни, уморни, уморни“, повторува Оум Ноур, една од трите сириски мајки и додава: „Минатово време е многу тешко... Би сакала да спијам цела недела“. Тие го напуштиле Истанбул една недела претходно, а Сирија два месеци пред тоа. Оум Ноур и нејзиното семејство се надеваат дека ќе стасаат до Шведска, единствената европска земја покрај Германија која гарантира автоматска заштита за сириските бегалци. Таа се надева дека таму ќе добие слободен дом и здравствена заштита - работи кои Турција не можела да и’ ги понуди. Но, многумина остануваат заглавени во Грција подолго од што очекувале.

Syrien Flüchtlinge in Griechenland
Ослободената 16-члена фамилија брза да купи карти за фериботФотографија: DW/M. Olivesi

Заглавени бегалци во Грција

Рамзија и нејзините пет деца пристигнале во Грција во септември 2011 година. Побуната во Сирија во тоа време се’ уште не ескалираше во граѓанска војна, но нејзиниот сопруг бил баран од режимот откако организирал протести. Рамзија вели дека армијата еден ден дошла во нивниот дом и се заканувала дека ќе го уапси целото семејство. Кратко потоа таа пребегала со децата во Турција, но не сакала да заврши во бегалски камп. Нејзиното семејство успеало да се протне во Грција, надевајќи се дека на крајот ќе заврши кај роднината во Австрија. Но, цената за шверцување од Грција преку Италија до Австрија чинела 10.000 евра. Таа и децата останале 16 месеци повеќе од дозволеното кога едено февруарско утро заѕвонел телефонот, а на линија биле нејзините два сина на возраст од 17 и 18 години.

Syrien Flüchtlinge in Griechenland
Рамзија со своите деца пристигнала во Грција во септември 2011 годинаФотографија: DW/M. Olivesi

„Мамо, ние сме уапсени“, рекле тие. „Ми рекоа да дојдам и да го донесам документот добиен од полицијата при пристигнувањето во Грција. Отидов таму со листот хартија и мислев дека тој ќе помогне, но направи да биде уште полошо. Полицаецот почна да вика. Ни рекоа дека сме го пречекориле нашето време тука. Јас почнав да плачам. Им објаснив дека мажот ми не е овде и дека ми требаат синовите. Се надевав дека ќе видам некоја жена која ќе се сожали за мене, но таму имаше само мажи и ним не им беше грижа. Ми рекоа - оди си, ќе ги задржиме твоите синови“, вели Рамзија.

Се проценува дека во моментов низ Грција се притворени повеќе од 1.000 Сиријци поради останување подолго во земјата и покрај наредбата за враќање назад. Илјадници други се без документи и со многу мали шанси да им се промени статусот во земјата. Хјуман рајтс воч регистрира дека од 2011 до крајот на минатата година во Грција влегле 10.000 Сиријци, а од нив само шест добиле заштитен статус на бегалец во земјата.