1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплаки и до Еврокомисијата

20 јануари 2012

Официјална Атина и се пожали и на Европската комисија поради симболичното погребување на Грција на карневалот во македонското село Вевчани, пишува денеска грчкиот весник „Нафтемборики“ во своето електронско издание.

https://p.dw.com/p/13nHs
Сцена од годинешниот карневал во ВевчаниФотографија: DW/Milco Jovanoski

Според „Нафтемборики“, како што пренесува бугарската новинска агенција БТА, на карневалот, одржан на 13 и 14 јануари, „Грција била погребана со ковчег и некролог, а грчкото знаме запалено“.

Грчкиот европратеник Јоргос Кумуцакос упатил прашање до Европската комисија во врска со случајот. Тој посочил дека „ акциите на Скопје речиси се совпаѓаат со обновувањето на преговорите меѓу двете земји под покровителство на ОН во спорот за името“. Според „Нафтемборики“, грчкиот европратеник поставил прашање дали ЕК е запознаена со случајот, дали ќе реагира и дали смета дека ваквите активности ги поткопуваат изгледите за успех на тешките преговори за името.

Грција претходно испрати протестна нота до официјално Скопје, во која настанот се дефинира како „провокативен“ и „навредлив“. Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека „ треба да се преземат мерки за да се избегнат слични инциденти во иднина“.

Автор:СН/ЖА/миа

Редактор: Симе Недевски