1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција се надева на парите од туризмот

Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска3 септември 2013

Дали ова можеби е почеток на крајот на кризата? Според грчката туристичка бранша, приходот од туристите летово можеби е највисок од претходно. Грците, пак, речиси не можат да си дозволат летување во сопствената земја.

https://p.dw.com/p/19ai8
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur Huber

Андреас Андреадис има репутација на бизнисмен со сопствени ставови, кој не го менува лесно мислењето. Во минатите години тој во интервјуата повеќепати јавно и‘ се заблагодари на германската канцеларка Ангела Меркел за реформскиот притисок врз Атина, а на отслужените грчки политичари им отчита лекција. Но, ова лето хотелиерот и претседател на Сојузот на грчките туристички претпријатија по исклучок може да здивне со олеснување: според досегашните сознанија, туризмот во земјата бележи успех како никогаш досега, пред се‘ благодарение на странските гости.

„Нашата амбициозна цел беа 17 милиони посетители, а се‘ укажува дека можеби бројката е и надмината“, се радува Анреадис. Тоа би било зголемување од 10 проценти во однос на лани, а притоа не се пресметани туристите на крстарења. Вкупните приходи од туризмот, како што информира грчката Централна банка, пораснале за 18 проценти.

Првпат по избувнувањето на кризата растат и резервираните аранжмани од Германија. Прогнозите на браншата се - плус од 15 проценти во оваа година во однос на 2012. Грците се трудат да освојат и нови пазари, очигледно со успех: летувалците од Русија ќе ја надминат бројката од еден милион, од Украина се јавува за двојно зголемување на резервациите во однос на лани, а од Турција првпат пристигнаа над 800 илјади посетители.

Најголем дел од Грците се откажуваат од одмор

Од друга страна, самите Грци во меѓувреме не можат да си дозволат одмор во хотел во сопствената земја. Според анкетите, поради штедење, 60 проценти од Грците го пречкртале одморот од плановите или поминуваат неколку денови кај пријатели или кај роднини во родните места.

Опаѓањето на бројот на домашните туристи всушност е проблем, објаснува Андреадис. Од 2008 година прометот од домашните гости е преполовен - во меѓувреме на 1,5 милијарди евра годишно. Од друга страна, од странските туристи има приход од 11,5 милијарди евра. Со тоа можат да се покријат загубите од ставката на домашни туристи.

„Економски гледано, многу важен е порастот на странските гости. Од него зависи нашиот вкупен биланс“, предупредува Андреадис, кој и самиот води луксузен хотел на полуостровот Халкидики.

Ако позитивниот тренд потрае и натаму, туризмот ќе стане најважниот појас за спасување на од кризата потесената земја, која ја доживува својата шеста по ред година на рецесија. Денес приходите од странските гости сочинуваат речиси петтина од грчкиот брутодомашен производ и, покрај бродарството и земјоделството, се најважни столбови на грчката економија.

Griechenland Insel Santorini
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/GettyImages)

Турзимот како мотор на порастот

Дали туризмот може да стане мотор на економскиот подем, кој ќе ја повлече земјата од кризата, останува да се сочека. Грчкиот премиер Андонис Самарас се чини цврсто верува во тоа.

„Треба да издржиме уште летово. Од септември нашата економија ќе добие на полет“, вети конзервативниот политичар пред своите сонародници на крајот на 2012 година.

Танасис Мавридис, економски аналитичар и директор на грчката финансиска веб страница capital.gr останува скептичен:

„На нашата економија и‘ треба успешна приказна - носител на надеж. Туристичкиот бум е вистинска порака во вистинско време, но во секој случај не е повод да скокаме од радост“. Туристичката бранша бележи успеси, но Грција и натаму заостанува зад своите можности и не го искористува својот потенцијал, се жали Мавридис.

За туризмот вистински да прерасне во мотор на развојот, на потег е државата, која мора да создаде соодветни рамковни услови, уверен е атинскиот еконимист. Сите постојано зборуваат за потребата од продолжување на туристичакта сезона, но никој не презема ништо. И објектите за одмор нудат можност, која досега не е искористена, вели Мавридис во разговор за Дојче веле:

„Поради правната несигурност околу сопственоста, многумина инвеститори се плашат од купување недвижности во Грција. Шпанија и Турција се многу понапред, тие продадоа бројни недвижности на странци“.

Грција и блискоисточната криза

Оваа година туристичката сезона во Грција ќе продолжи, убедени се експертите. Причината се политичките нереди во Египет и во земјите од регионот, кои се конјуктурни посебно во есенските месеци - многумина туристи ги преправаат резервациите и ќе одат во Грција.

Ова очекување го дели и претседателот на Сојузот на грчките туристички претпријатија, Андреас Андреадис. Опасноста од криза во источното Средоземноморје секако е поголема од краткорочниот ефект и користа, предупредува хотелиерот од Халкидики:

„Напад врз Сирија би му наштетил на грчкиот туризам, особено на браншата на крстосување со брод. Вкупно земено, важи - проблемите на нашите соседи и за нас не навестуваат ништо добро“.