1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција се враќа на позициите од Лисабон

Катерина Блажевска29 октомври 2013

Писмото на 23 поранешни грчки амбасадори до грчкиот премиер Андонис Самарас, наиде на остри реакции во македонската политичка јавност. Македонски аналитичари велат дека Самарас им се враќа на своите корени

https://p.dw.com/p/1A7bO
Фотографија: dapd

Македонски политичари и аналитичари не се изненадени од писмото со кое 23 грчки дипломати испорачаа неколку барања до премиерот Самарас: ако Грција прифати сложено име со географска одредница ерга омнес, во тој пакет да бидат вклучени и јазикот и идентитетот, да има одлука и од Советот за безбедност, а договорот да биде одобрен од грчкиот народ преку референдум.

„Би сакале да го изразиме нашето убедување дека прифаќањето од наша страна на име со географска одредница, па дури и да е за сите употреби, нема да ги спречи, туку напротив ќе ги зголеми нападите и иредентизмот на Скопјаните. Секое прифаќање од наша страна на „сложено име со географска одредница за севкупна употреба“, воопшто нема да ја спречи намерата на Скопје и нивните неисториски поткрепени ставови за „македонски јазик“, „идентитет“ и „нација“, бидејќи вклучувањето на терминот Македонија во името на земјата им дава можност, не само да се придржуваат до фалсификувањето на историјата, туку и да ги активираат барањата, базирани на нивната бесмислена теорија за обединување на „поделената Македонија“, му напишаа амбасадорите на Самарас.

Mazedonien Skopje Statue von Alexander dem Großen
Антиквизацијата предизвика голема штета, смета Димитар ДимитровФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

На исти позиции со „Златна зора“

Дали ова писмо е лакмус за (не)подготвеноста на Грција за компромисно решавање на спорот за името - прашавме македонски политичари и аналитичари, кои го следат процесот на разговори за надминување на разликите за името. Димитар Димитров, универзитетски професор, поранешен министер и амбасадор, вели дека ова писмо ја исправа ЕУ пред избор - или да се врати на Лисабонската декларација (!) или да ја следи пораката на Хашката пресуда.

„Писмото на почитуваните грчки колеги одразува исклучително симптоматична кружна динамика на грчката позиција во врска со името на Република Македонија. Со него Грција се враќа на почетната фаза иницирана токму од Самарас како министер за надворешни работи. Авторите на писмото го предупредуваат премиерот - кој, случајно или не, е истиот тој Самарас, дека името Македонија и со, и без географска одредница имплицира иредентизам, и поради тоа не смее да се дозволи да го носи поранешната југословенска република со тоа име! Така премиерот Самарас добил апел од грчките амбасадори во вид на препис или плагијат на аргументацијата на министерот Самарас. Во последно време најисклучителни заговорници оваа екстремна позиција имаше меѓу претставниците на 'Златна Зора'“, вели Димитров.

Според него, во согласност со оваа позиција е Лисабонската декларација на ЕУ против употребата на името Македонија во името на нашата држава, од која Унијата бргу отстапи.

„Како колега и професор, им обрнувам внимание на авторите на писмото да се замислат над ова споделување/идентификација со позицијата на 'Златна Зора' за нашето име. За жал, и небулозите за иредентизмот на името, имплицираат слично разбирање на демократијата како етнократија. Писмото јасно порачува дека спорот за името е беспредметен и дека Грција не може да биде партнер за негово решавање. Тоа ЕУ ја исправа пред избор или да се врати на Лисабонската декларација или да ја следи пораката на Хашката пресуда.

Што се однесува до ОН: се разговараше доволно за разликите околу името, според резолуцијата 817, време е да се примени правото. Таквата разврска, дома, инектираната антиквизација ќе ја остави без воздух - ќе се создадат услови не за повикување на добрососедски односи, туку за реално добрососедство“, укажува Димитров.

Тој подолго време јавно предупредува дека антиквизацијата и нанесува огромна штета на Македонија, дека врши улога на Тројански коњ и дека пред светот нѐ прави некредибилни.

Namensstreit neue Gesprächsrunde in UN
Посредникот Метју Нимиц со преговарачите Јолевски и ВасилакисФотографија: MIA

Нема да пиеме рицинус

Дел од аналитичарите се воздржуваат од коментар со образложение дека „на ова писмо на треба да му се придава значење, бидејќи има иста 'тежина' со барањата на разни организации и групи во Македонија за прекинување на разговорите за името во ОН, на кои и Грција не им обрнува никакво внимание“.

Но, Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции, реторички прашува - што уште треба да се случи, за да се разбере вистинската природа на грчката агресија кон македонскиот идентитет и кон македонската државност.

„Подолго време инсистирам дека треба да престанеме да зборуваме за „разликата за името“, туку отворено да зборуваме за грчка агресија врз македонскиот идентитет и државност. Грција во моментов ја води човек кој верува дека во интерес на Грција е Македонија да биде избришана од картата како независна држава. Ова писмо само покажува каква е официјалната грчка политика кон Македонија. И покрај тоа што имаат пресуда 'црно на бело' од Меѓународниот суд на правдата дека Грција ја крши Времената спогодба, инсистираат дека Македонија ја прекршува оваа спогодба!? Го спорат правото на македонскиот народ да го користи терминот 'македонски' и на крајот негираат дека постои македонско национално малцинство во Грција. Тоа е најдобар одраз на грчката политика кон Македонија. Некогаш грчките полицијци и паравојски не тераа да пиеме рицинус за да го исплукаме нашиот мајчин јазик, а сега инсистираат ЕУ и НАТО да не принудат самите да пиеме рицинус за да го исплукаме својот мајчин јазик. Се додека на Грција и е дозволено да ги инструментализира ЕУ и НАТО во служба на својот државен шовинизам, не постојат никакви шанси за решавање на 'разликата за името'“, тврди поранешниот вицепремиер за евроинтеграции.

Последен грчки отпор?

Во пакетот- аргументации за нерамноправните позиции од кои настапуваат двете земји, во македонските медиуми беше објавен и податок дека токму посредникот на ОН во спорот со името, Метју Нимиц, на избори финансиски помагал американски конгресмени и сенатори што се директни подржувачи на грчката страна во овој спор. Кога на тоа ќе се додаде и писмото на грчките амбасадори, навидум е пополнета и една од последните коцки на мозаикот, кој ја отсликува лажната грчка подготвеност за решавање на спорот. Но, дали нештата може да се гледаат толку симплифицирано? Универзитетскиот професор,

Mazedonien Der Vizeministerpräsident Ivica Bocevski
Поранешниот вицепремиер Ивица БоцевскиФотографија: DW

Стево Пендаровски, вели дека токму во писмото на грчките амбасадори препознава сигнал за можно решение на спорот за името.

„Можеби звучи парадоксално, но, ова писмо со шовинистичка содржина потврдува дека е возможно да се дојде до компромисно решение за името на државата за надворешна употреба, а при тоа да не биде загрозен нашиот јазик и идентитет. Не гледам друга причина зошто овие амбасадори со чипови во главите од 19. век, би барале дополнителни гаранции од својот премиер - експлицитни одредби во идниот договор за јазикот и идентитетот, плус национален референдум и одлука на Советот за безбедност како финална потврда за договореното. Во редовна ситуација, ваквите писма би значеле дека страните се приближуваат до решение на спорот и поради тоа загрижените амбасадори јавно предупредуваат на опасноста од загрозување на грчката кауза. Бидејќи Грција е одамна во вонредна состојба, ова писмо има само внатрешна употребна вредност во докажувањето кој е поголем патриот. За мене е интересно што наведената комуникација се одвива во рамките на една иста група балкански националисти составена од групата амбасодори и нивниот премиер“, констатира Пендаровски.

Во последниов период не е спроведено истражување на јавното мислење за очекувањата на граѓаните од македонско-грчките разговори за решавање на спорот за името. Последната анкета на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) фокусирана исклучиво на работата на шефот на државата, покажа дека мнозинство испитаници, 59, 8 отсто, сметаат дека претседателот Иванов води исправна политика во однос на прашањето за името, 27,4 проценти не се задоволни од неговиот ангажман, а 12,8 отсто не дале одговор.