1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција сака да земе, не сака да даде

17 мај 2011

Кога во Атина гори, пожарот може да се види и од Софија, Скопје или Тирана. Колку соседите на Грција се погодени од тешката финансиска криза во земјата и дали постојат стравови од повлекување на грчките инвеститори?

https://p.dw.com/p/11FKN
Фотографија: DW-Montage/bilderbox.de

Пред само неколку години, Грција беше атрактивна дестинација за заработување пари за многу Албанци, Македонци и Срби. Тие ги напуштаа своите татковини, во потрага по работа на грчкиот полуостров. Најчесто ја наоѓаа во угостителскиот сектор. За економските мигранти тоа беше сигурен извор на средства. Заштеденото можеа да им го пратат на семејствата. Сега голем дел од нив останаа без работа. Повторно има миграција, но во обратна насока, смета Јенс Бастијан, стручен соработник на независната Грчка фондација за надворешна и европска политика, со седиште во Атина.

„Албанците, Македонците и Србите сега се враќаат во нивните матични земји, или, пак, одат во други соседни земји, како на пример во Турција, која во моментов доживува силен економски раст.“

Не се очекува повлекување на грчките инвеститори

Покрај Австрија, Италија и Германија, Грција е еден од најважните инвеститори во Југоистична Европа. Во банкарскиот и градежниот сектор, телекомуникациите или прехранбената индустрија - многу претпријатија се во грчки раце. Сепак, како резултат на кризата, многу грчки инвеститори не се веќе во состојба да вложуваат пари во регионот. Експертот за Југоисточна Европа, Душан Рељиќ, сепак не верува дека ќе дојде до повлекување на грчките фирми.

„Пред две години, кога изби големата финансиска криза, се одржа средба на странските банки, кои се активни во регионот. Тие потпишаа декларација, со која се обврзаа да не се повлекуваат од Југоисточна Европа“, нагласува Рељиќ.

Flash-Galerie Griechenland
Грчкиот туризам е тешко погоден од финансиската кризаФотографија: picture-alliance / OKAPIA KG, Ge

Колку подалеку од Грција, толку подобро?

Хрватска, пак, може да каже дека има среќа. Економските врски меѓу Грција и Хрватска не се толку силни, нагласува експертот Синиша Кусиќ.

„Во Хрватска банкарскиот сектор цврсто го држат Италијанците, Австријците и Германците. Уделот на хрватскиот извоз во Грција изнесува едвај 0.3%. За разлика од Хрватска, трговската размена меѓу Грција и нејзините директни соседи е многу поголема“, нагласува Кусиќ.

И во случајот со Турција експертите не очекуваат директни влијание од кризата во Атина. Размената со Грција изнесува само еден процент од вкупниот извоз на Турција.

Според проценките на претседателот на Европската банка за обнова и развој, Томас Миров, влијанието на грчката криза врз земјите од Југоисточна Европа е релативно мало. Се чини дека кризата засега се` уште е на психичко ниво.

Автор: Рајна Бројер/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска