1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ризикува политичка изолација ако повторно ја блокира Македонија

7 декември 2011

Натамошно држење на Македонија надвор од НАТО, од безбедносно-политички агол, не е од полза, коментираат денеска германските весници. Според нив Европа не смее да си дозволи да го става Балканот на спореден колосек

https://p.dw.com/p/13OGM
Фотографија: DW

Грција претпре пораз пред Меѓународнот суд на правдата во Хаг по тужбата на Македонија, поради тоа што ја спречила балканската земја да стане членка во НАТО во 2008 година, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и коментира:

„Најдоцна на самитот на НАТО во мај 2012 година Македонија смее повторно да поднесе барање за прием. Најверојатно повторно ќе биде поддржана од сите членки, освен од Грција. Дали Атина тогаш ќе ризикува политичка изолација, само Македонија да не смее да се вика Македонија? Од европски агол, прашањето се поставува поинаку: проширувањето на ЕУ можно е да е успорено за подолго време, меѓутоа - има ли простор за претпоставка дека натамошното држење на Македонија настрана од НАТО ја зголемува стабилноста на Балканот? Одговорот е излишен“, коментира „ФАЦ“.

Во коментарот на „Тагесцајтунг“, меѓу другото, стои:

„Одлуката на Меѓународниот суд на правдата од понеделникот не му става крај на апсурдниот спор, но би можела да ги вразуми раскараните страни. Особено Грција има многу причини да ја зграпчи оваа шанса. (...) Прашање е само дали во Атина ќе надвладее логиката. Сомнежот има едно име: Антонис Самарас. Водачот на Неа демократија, која од пред три недели учествува во ’Владата на национален спас’ под раководство на Лукас Пападимос, пред 20 години попречи да биде усвоен разумен компормис. Тогаш Самарас со својата патриотска страст предизвика реконструкција на владата на Неа демократија под Мицотакис. Дека ненамерно и‘ нанесе штета на неговата земја, на повеќето Грци денес им е јасно. Но, Самарас никогаш не кажа ниту збор самокритика.

Атина на следниот самит на НАТО не би требала по вторпат да се обиде да го попречи приемот на соседот, во случај спорот околу името да не биде решен до тогаш. Оти со тоа повторно ќе ја повреди Времената спогодба, што Скопје и Атина ја потпишаа во 1995 година. Сега Самарас може да покаже дали научил нешто - или останал вчерашен“, се вели во коментарот на Нилс Кадрицке во „Тагесцајтунг“.

Европа и Балканот е насловот на текстот во „Ноје цирхер цајтунг“ кој ги анализира перспективите за пристап и кандидатски статус на земјите, од Хрватска, преку Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Македонија. Примерот на Македонија покажува дека кандидатскиот статус не значи многу, пишува весникот и проценува дека и по пресудата од Хаг, Македонија не може многу да очекува. Но, јасните европски перспективи се мотор за регионот смета „НЦЦ“ и заклучува:

„За земјите од Западниот Балкан би било погрешен сигнал, ако возот за европска интеграција биде поставен на спореден колосек. Се разбира, во време на должничка криза никој нема да добие ловоров венец со нов финансиски товар. Но, не треба да биде заборавено дека токму европската перспектива придонесе многу за стабилизација на Западниот Балкан по деценија воени судири. Потенцијал за конфликти меѓутоа постои и натаму. Процесот на создавање држава на Косово не е завршен, воедно не сите земји членки на ЕУ го имаат признаено. Државните граници на Македонија не се спорни, меѓутоа и‘ се оспорува националнито идентитет. Босна е дисфункционална држава, која многу жители не ја сметаат за татковина. Јасната перспектива во ЕУ е моторот за политичките и економските реформи. Ако тој забревта или се изгасне, стабилноста на западниот Балкан ќе биде загрозена“, смета „НЦЦ“.

Автор: АТ/ ФАЦ/ ТАЦ/ НЦЦ

Редактор: Е.М.Фиданоска