1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција потврди дека добила продолжен рок за реформите

Б. Георгиевски/афп/дпа24 октомври 2012

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас денеска потврди дека земјата, сепак, добила продолжен рок од две години за остварување на бараните реформи од меѓународните кредитори.

https://p.dw.com/p/16Vky

Стурнарас изјави во парламентот во Атина дека продолжениот рок е договорен во замена за нови кратење во вредност од 13,5 милијарди евра, со кои ќе се отворат нови меѓународни заеми. Но, коалициските партнери во грчката влада се уште не го одобриле планот, а според медиумските извештаи, меѓу нив постојат големи разлики по ова прашање. Стурнарас најави дека новите закони кои ќе го регулираат договорот ќе бидат претставени пред парламентот следната недела.

Засега нема повеќе детали за новиот договор, ниту потврда од меѓународните кредитори.

Германскиот весник Зидојче Цајтунг информираше дека на Атина ќе и бидат дадени дополнителни две години за намалување на јавниот долг, за спроведување на бараните реформи на пазарот на трудот и за приватизирање на државните претпријатија.

Грција годинава, шеста по ред, е во рецесија, а галопирачкиот раст на невработеноста која достигна 25 проценти ги натера политичарите да молат за пролонгирање на роковите.

Новиот рок- 2016. година

Според атинските медиуми, земјата сега ќе добие рок до 2016 година да го сведе буџетскиот дефицит на 3 проценти од БДП- согласно лимитот во ЕУ, додека приватизацијата се очекува да донесе дополнителни 10 милијарди евра во буџетот до истата година, што е за 9 милијарди евра помалку од претходно утврденото од меѓународните кредитори. За возврат Грција ќе треба да ја зголеми возраста за заминување во пензија за две години и дополнително да ги намали државните плати и пензии.

Griechenland Stournaras in Berlin
Министерот за финансии Јанис СтурнарасФотографија: John Macdougall/AFP/GettyImages

Утрината, во интервју за првиот канал на германската државна телевизија- АРД, членот на извршниот одбор на Европската централна банка Јерг Асмусен рече дека се уште нема дефинитивен договор. Но, тој посочи дека доколку и се дозволи на Грција да ги пролонгира роковите, тоа ќе значи дека земјата ќе треба да добие и повеќе пари од другите европски држави за да го санира дефицитот.

„Грција троши повеќе отколку што произведува. Тоа значи дека доколку се пролонгираат роковите, европските земји ќе треба да издвојат уште повеќе пари“, рече Асмусен.

Европската Комисија денеска одби да ги коментира овие информации.