1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција остро протестира против Керим

Борис Георгиевски26 септември 2007

Грчко македонскиот спор со името се пресели на генералната дебата во ОН. Остри грчки реакции предизвика претседавачот со генералното собрание, Срѓан Керим кој го го употреби уставното име Република Македонија.

https://p.dw.com/p/Bjq6
Македонскиот дипломат ја налути АтинаФотографија: Macedonian Information Agency

Грција не успеа да ја спречи употребата на уставното име на Република Македонија на вчерашното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Скандалот на попладневната сесија се случи откако претседавачот Срѓан Керим го најави настапот на македонскиот претседателот Бранко Црвенковски.

„Собранието ќе го чуе обраќањето на неговата екселенција, Бранко Црвенковски, претседател на Република Македонија“.

Ваквата најава на Керим испровоцира бурна реакција на грчкиот амбасадор при Обединетите нации, Џон Мурикис, кој се повика на резолуцијата донесена од светската организација при приемот на Македонија под референцата ФИРОМ во 1993 година.

„Во однос на вашето обраќање кон односната земја, сакам да ви го предочам следното, Советот за безбедност со резолуцијата број 817 од 1993 година препорача а Генералното собрание прифати оваа земја да се нарекува Поранешна југословенска република Македонија“.

Керим: должен сум да покажам респект кон секоја земја во ОН

Керим сепак не ги прифати забелешките на грчкиот амбасадор. „Претседателството му благодари на грчкиот претставник за неговите забелешки. Јас сум целосно свесен за фактите кои беа посочени но во исто време како претседател на Генералнмото собрание сум должен да покажам целосен респект кон дигнитетот на секоја земја членка на ОН, вклучувајќи ја тука и мојата татковина“.

На провокациите на грчкиот амбасадор, реагираше и претседателот Црвенковски, кој при крајот на своето обраќање изјави дека неговата земја е и ќе остане Република Македонија.

Официјални реакции од Атина

Тензиите продолжија и зад кулисите на генералното собрание. Со соопштение, веднаш по седницата реагираше грчкото министерство за надворешни работи. Официјална Атина констатира дека Керим делувал согласно инструкциите на македонската влада, и дека со своето однесување непоправливо го нарушил својот имиџ, позиција и кредибилитет за целиот период додека ќе претседава со Генералната асамблеја. Ваквото неприфатливо однесување на Керим ја потврдува провокативната и бескомпромисна позиција на владата во Скопје, соопшти грчкото министерство.

Случувањата на вчерашната седница се продолжение на дипломатската војна која се води во Њујорк деновиве. По признавањето на уставното име на Македонија од канадската влада, шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани лобираше кај посредникот во преговорите за името, Метју Нимиц за изнаоѓање на прифатливо решение, но Нимиц најавил дека засега не планира да излегува со нови иницијативи. Претседателот Црвенковски го отворил ова прашање на средбата со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун забележувајќи дека станува збор за преседан што не и се случил на ниту една друга земја членка на ОН и оценил дека станува збор за контрадикторна политика.

Branko Crvenkovski - Ban Ki Moon
Бранко Црвенковски и Бан Ки МунФотографија: Macedonian Information Agency

Грчката Влада во изминатиот период во неколку наврати најавуваше дека би можела да го блокира приемот на Македонија во НАТО и ЕУ, доколку не се изнајде прифатливо решение за проблемот со името.