Грција да прекине со вето и да го отвори патот...
9 декември 2009Последниве две децении во Европа се случија многу спротивни нешта. Падна Берлинскиот зид. Европа се обедини, а во нејзината срцевина, профучи виорот на војните и поделбите. По Дејтон, Пактот за стабилност, Иницијативата за регионална соработка, Процесот за стабилизација и асоцијација, ветените европски перспективи од Солун, сега се токми и мастер план за мир и безбедност на Балканот. Во дискусијата дали и колку е потребен ваков план, сега кога Лисабонскиот договор е во сила, се наметна констатацијата дека Европската унија не стои цврсто на принципите на кои се повикува. И каде поочигледно ако не во случајот со Македонија.
Исполнети критериуми
„Македонија ги исполни Копенхашките критериуми и има право на почеток на пристапните преговори. Министрите за надворешни работи на ЕУ си дозволија повторно да бидат уценети и разгледувањето на одлуката за почеток на преговорите да се помести за март 2010,“ изјави Ангелика Беер, експерт за Балканот и копретседавач на парламентарната мрежа за превенција на конфликти. Таа побара спорот околу името меѓу Македонија и Грција да се стави ад акта. „Ако се види планот од 8 точки на Папандреу, за тоа што се треба да направи Македонија за да го реши проблемот, тогаш велам дека овие грчки позиции не се ништо друго, туку атак врз македонскиот идентитет и спротивставување на меѓународното право“, критикуваше Беер, прашувајќи зошто во ЕУ се дискутира за милионите евра кои треба да и‘ се дадат на Грција за да се спречи банкротот? Зошто не се дискутира за санкции кога ги прекшила сите стандарди? Според Беер, доколку во Брисел се дискутираше за овие прашања Грција би била поразумна...
Лисабонски мастер план
„Нашиот мастер план е Лисабонскиот договор. И сите земји кои не се во Европската унија мора да се подготват колку што е можно побрзо да дојдат во ЕУ и мастерпланот Лисабонски допговор да го доживеат со сите права и обврски. Патот е целта“, коментираше Валтер Колбо, поранешен парламентарец и актуелен шеф на Германско-македонското друштво. Тој документот од Лисабон го гледа како историска шанса. Вели меѓутоа дека од шефовите на дипломатиите кои расправале за Македонија во Брисел друго очекувал. Дека Лисабонскиот договор ќе го почувствуваат како поттик, дека ќе го искористат моментот и ќе го притиснат Папандреу да направи исчекор. Зашто на крајот на краиштата, сите сме Европејци, а не само Грци или Македонци.
На критиките упатени до Грција во дебатата реагираше грчкиот парламентарец Мицијас Маруткјотис, според кого Грција е најголемиот поддржувач за интеграцијата на Балканот во ЕУ и негов најголем економски поттикнувач. На ваквото лобирање следеа реакции. Валтер Колбо потсети на резолуцијата за Македонија на Бундестагот од 2003-тата и побара „Грција да го тргне настрана ветото и да и‘ овозможи на Македонија членство во НАТО и ЕУ“. Ангелика Беер пак беше уште поконкретна и поостра:
„Морам да кажам дека доколку Грците сакаат да ја истуркаат оваа политика наспроти желбата на Европејците, тогаш мора да одлучат дали ќе исчекорат и ќе ја напуштат ЕУ“!
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Жана Ацеска