1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција да го промени односот кон соседите

30 март 2010

Македонскиот претседател Ѓорѓи Иванов смета дека не се доволни само смени на одговорните за скандирањето антимакедонски и антиалбански пароли на воената парада во Атина, туку и промени во односот на Грција кон соседите.

https://p.dw.com/p/Mhqx
Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

„Навистина ова не‘ загрижува затоа што во денешно време, во една членка на ЕУ и НАТО, се‘ уште има припадници на безбедносните сили кои искажуваат говор на омраза‘, изјави денеска Иванов.

За инцидентот во Атина македонскиот претседател разговарал и со албанскиот колега Бамир Топи.

„За жал, ова не е прв пат пред државниот врв на Грција, припадници на безбедносните сили да искажуваат говор на омраза. Загрижува што овој пат се повредени чувствата и на Македонците и на Албанците. Токму затоа вчера разговаравме со албанскиот претседател Топи и искажавме загриженост за ова што се случува, не по прв пат“, рече Иванов.

На новинарско прашање, пак, дали грчката амбасадорка во Македонија Александра Пападополу им се извинила на Македонците за инцидентот во Грција, македонскиот премиер Груевски одговори дека нејзиното искажано жалење е своевидно извинување.

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

„Вчера видов дека таа како претставник на Грција изразува жалење за тоа што се случи. Во дипломатијата тоа е еден вид на извинување“, рече Груевски.

Груевски: Фокусирани сме на изнаоѓање решение за името

„Сега сме доста фокусирани на барање и изнаоѓање решение за името за да издејствуваме деблокада и да најдеме можности за време на шпанското претседателство со ЕУ да го добиеме датумот за преговори, а тоа ќе значи и почеток на преговоритe неколку месеци подоцна“, изјави денеска македонскиот премиер Никола Груевски, коментирајќи го оптимизмот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој во интервју за „Дојче веле“ рече дека е можно за време на претседавањето на Шпанија со ЕУ да се реши спорот за името.

Автор: ЖА/ ГЧ/ миа