1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција- главна тема за министрите за финансии од еврозоната

СН/АТ/миа/дпа12 ноември 2012

Министрите за финансии од еврозоната попладне ќе се состанат во Брисел и ќе разговараат за економската состојба на Грција, откако грчкиот парламент синоќа го усвои буџетот за 2013 година.

https://p.dw.com/p/16h7a
Фотографија: dapd

Европските министри за финансии денеска на состанокот во Брисел ќе треба да направат проценка дали последниот пакет мерки за штедење што ги усвои парламентот во Атина пред неколку денови се доволни за да се гарантира натамошна помош.

Иако на Атина итно и е потребна следната транша од помошта во висина од 31,5 милијарди евра со која ќе избегне банкрот, малку веројатно е дека европските министри за финансии денеска ќе донесат одлука за доделување на следната транша која е замрзната од јуни.

Грчкиот премиер Андонис Самарас инсистира да му се дадат две дополнителни години до 2016 за исполнување на целите за намалување на дефицитот кои од него ги бараат меѓународните кредитори. Тековната цел на европските лидери е да се намали грчкиот долг за 120 отсто од бруто домашниот производ до 2020 година. Европската комисија минатата недела процени дека тој во 2014 година ќе се зголеми на 188,9 отсто од 176,7 проценти оваа година.

Претседателот на германската Бундесбанка Јенс Вајдман изјави дека смета оти ќе биде одобрена нова помош за Грција. За весникот „Рајнише Пост“ тој оцени дека политиката очигледно се одлучила да ја финансира Грција и натаму. Вајдман побара „ненашминкан и искрен извештај“ на тројката надзорници.