Грците ќе штедат уште повеќе и ќе протестираат
29 февруари 2012Грчкиот парламент одобри големо намалување на минималната плата во земјата за да ги исполни барањата на меѓународните кредитори и земјата да ја добие следната транша од помошта, вредна 130 милијарди евра.
Со новиот пакет мерки кој го изгласаа мнозинството пратеници на двете најголеми партии, Нова Демократија и Пасок, од буџетот треба да се заштедат дополнителни 3,2 милијарди евра.
Одлуката, меѓу другото, предвидува намалување за 22 проценти на минималната плата во земјата, како и 12-процентно намалување на пензиите на јавните службеници. Планирано е и замрзнување на платите во јавниот сектор.
За денеска (29.02) во поголемите грчки градови е најавен тричасовен прекин на работата, а за вечер и протести во Атина, организирани од синдикатите.
Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, кој од вчера е во посета на Атина, пред парламентот изјави дека „политика базирана само врз мерки за штедење водат кон економска катастрофа“.
Автор: БГ/афп/миа
Редактор: Ж. Ацеска