Грците ги „трчаат“ последните метри?
11 ноември 2012Секој грчки пратеник треба да гласа поименично за предлог-буџетот. Согласноста за буџетот е предуслов за натамошна меѓународна помош за Грција, која е соочена со банкрот. Притоа, станува збор за исплата на околу 31,5 милијарди евра од тековната програма за помош, со вкупен обем од 130 милијарди евра. Првата пречка парламентот ја прескокна во средата (07.11), кога беше донесена новата програма за штедење тешка 13,5 милијарди евра.
Иако уште само мал број Грци веруваат дека може да го запрат драстичниот курс на штедење, протестите на грчките улици не престануваат. Во понеделник (12.11) министерите за финансии на Еврогрупата треба да разговараат за натамошните постапки во случајот со Грција. Предлог буџетот се базира на проценка дека грчкото стопанство во наредната година ќе забележи пад од 4,5 проценти (годинава падот изнесува 6,5 проценти). Буџетскиот дефицит во 2013 година треба да падне на 5,2 проценти, но тоа се‘ уште е далеку над дозволената граница во ЕУ за буџетски дефицит од три проценти. Во текот на утрешниот ден, според дипломатски извори во ЕУ, се очекува и извештајот на таканаречената Тројка, составена од експерти од ЕЦБ, ЕК и ММФ, за состојбата во Грција.
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле не очекува „целосен извештај на Тројката“. Поради тоа, како што вели Шојбле, не е можна ниту конечна одлука за нова помош. За временското одлагање Шојбле ги обвини самите Грци. Дури сега се носат мерки кои требаше да бидат спроведени веќе во јуни, вели Шојбле за весникот „Велт ам Зонтаг“.
Претседателот на Бундесбанката Јенс Вајдман изјави дека смета оти ќе биде одобрена нова помош за Грција. За весникот „Рајнише Пост“ тој оцени дека политиката очигледно се одлучила да ја финансира Грција и натаму. Вајдман побара „ненашминкан и искрен извештај“ на Тројката.