Грците во 2011-та најмногу влегувале во Македонија
25 февруари 2012Според извештајот од македонското МВР, минатата година се регистрирани вкупно 2.728.214 влезови и излези од Македонија на лица со грчки пасоши. На второ место се Србите, со 2.116.516 влезови и излези. 1.196.917 лица со косовски и 834.538 лица со албански пасоши влегле или излегле од Македонија во минатата година.
Според статистиката на МВР, на граничните премини се регистрирани вкупно 15.789.624 патници, од кои 9.761.957 се странски и 6.027.667 македонски државјани, што преставува зголемување на 11,6 отсто.
На вкупно 2.548 странски државјани по разни основи не им е дозволен влез во Македонија, информираат од МВР. Најголем број од нив албански државјани - 808, 303 се турски, 274 косовски, 213 бугарски, 145 српски, како и на 99 грчки државјани. Останатиот дел отпаѓаат на други националности. Во исто време, на граничните премини не е дозволен излез од Македонија на 496 странски државјани.
Илегални мигранти од цел свет
Во текот на минатата година се регистрирани и 469 нелегални мигранти, што претставува намалување за повеќе од двапати во однос на претходната година. Меѓу нив најбројни се албанските државјани, а по нив следуваат Авганистанци, Косовци, Пакистанци, Срби, Сомалијци, Мароканци, Ирачани, Бугари, Палестинци, Алжирци, Британци, Турци, Либанци, како и лица од Тунис, Грција, Австрија, Естонија, Иран, Русија, Босна и Херцеговина и Шри Ланка.
Најголем број илегални преминувања се регистрирани на македонско-грчката граница - 148, потоа на македонско-албанската - 167, на македонско-косовската - 102, на македонско-српската – 37, а на македонско-бугарската граница се регистрирани 15 илегални минувања.
Од МВР информираат дека на македонска територија главно се криумчарени мигранти со потекло од Блискиот и Далечниот Исток и земјите од Африка (авганистански и пакистански мигранти), кои Македонија ја користеле само поради транзит. Тие во земјата се задржувале привремено, а криумчарењето било организирано од криминални групи чија крајна дестинација била некоја од западно-европските земји. Мал е бројот на мигранти кои останувале во Македонија, информираат од МВР. Девет албански и две српски државјанки се криумчарени во внатрешноста на Македонија заради вработување.
Автор: Александар Методијев /макфакс/миа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска