1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грузија е мала земја, а Русија голема!“

Гезине Дорнблут27 август 2008

Како реагираат Грузијците на одлуката на рускиот Претседател Медведев? Гезине Дорнблут се распраша меѓу обичните граѓани во пристаништиот град Батуми.

https://p.dw.com/p/F5j4
Американски морнари носат хуманитарна помош во пристаништето на БатумиФотографија: picture-alliance/ dpa

Топло е на вечер во пристанишниот град Батуми, на југо-западот од Грузија. Меѓу многубројните граѓани кои седат долго надворе пред куќите ги наоѓаме и двајцата студенти Лаша и Леван. За одлуката на Медведев дознале преку телевизијата:


„Тоа беше секако лошо. Мојот пријател доаѓа од Абхазија. Абхазија и Јужна Осетија сега ги загубивме. Што можеме да сториме, Грузија е мала земја, а Русија голема!“ – вели резигнирано Лаша.


Леван бегалец од Абхазија пред 17 години


Неговиот пријател Леван, по потекло од Абхазија потврдно клима со главата. Тој имал пет години кога неговите родители избегале од главниот град на Абхазија Сухуми пред почетокот на граѓанската војна на почетокот од 90-тите години. Денеска тој има 22 години.


„Ситуацијата е навистина многу лоша, но сепак се надевам некогаш дека ќе можам да се вратам во Абхазија.“


Леван враќањето може да си го замисли само под одредени услови:


„Ако Абхазија и’ припаѓа на Русија, не би се вратил, затоа што ги мразам Русите. Но, доколку би била самостојна држава, тогаш би можел да се вратам!“


Се надеваме на помош од НАТО и ЕУ


Блиски до двајцата студенти се шета и ноќниот чувар на пристаништето во Батуми, кој како и повеќето Грузијци се надева на помош од Западот:


„Се надеваме на помош од ЕУ и од НАТО. Овде станува збор за европски вредности, за демократијата ширум светот, а не за некоја си мала Грузија.“


Од Русите може се’ да се очекува


Него веста од Москва не го изненадила:


„Кога е Русија во прашање, човек мора да биде подготвен на се’. Веројатно ќе биде уште полошо. По се’ што ни направија Русите, ова сега навистина не дојде неочекувано.“


Студентот Лаша гледа вина и кај домашните политичари:


„Политиката направи многу грешки. Нашите политичари сакаа да го направат најдоброто, но излезе најлошото. Требаше повеќе да размислуваат претходно!“