1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грузиското раководство под притисок

АТ/ дапд/ афп/ дпа21 септември 2012

Кратко пред парламентарните избори во Грузија скандал во еден затвор ја потресе јавноста во земјата. Поради масовните протести против злоупотребата на затворениците, министерот за внатрешни работи поднесе оставка.

https://p.dw.com/p/16CJo
Фотографија: Reuters

Тој бил „потресен“ и презема „морална и политичка одговорност“, изјави министерот за внатрешни работи на Грузија, Бачо Ахалаја. Неговата заменичка, Ека Сгуладзе, го повика населението во оваа кавкаска република да се смири. Сторителите на „одвратното злодело“ ќе сносат одговорност, увери Сгуладзе. Претходно Советот на Европа и Европската унија, како и Организацијата за безбедност и соработка во Европа побараа консеквенци за случајот.

Медиумите во поранешната советска република на Црното Море во изминатите денови емитуваа видео снимки на кои се документирани тешки злоставувања на затвореници во еден затвор во Тбилиси. Овие снимки предизвикаа масовни протести на Грузијците против оспоруваниот претседател Михаил Саакашвили. Пред да поднесе оставка министерот за внатрешни работи, од функцијата се повлече и министерката задолжена за грузиските затвори, Катуна Калмахелидзе.

Proteste in Georgien gegen Misshandlungen in Gefängnissen
Протести во Грузија против измачување во затворитеФотографија: DW/A. Oganjanyan

Овој скандал би можело негативно да се одрази врз прозападно ориенираниот претседател Михаил Саакашвили на претстојните избори на 1. октомври. Сакашвили кој во Грузија е на власт од 2004 година не смее да се кандидира повторно за претседател, но успеа да спроведе закони, кои на премиерот му овозможуваат поголема власт отколку на претседателот. Ако победи на изборите, тој најверојатно ќе ја преземе премиерската функција.

Најсериозен конкурент му е милијардерот Бидсина Иванишвили кој ја предводи водечката опозиционата партија во земјата. Министерството за внатрешни работи меѓутоа нему му префрлува дека ги инсценирал видеата со измачување. Службеници на затворот биле платени од затвореник кој имал контакти со Иванишвили да го инсценираат измачувањето и да го снимаат, се вели од министерството. Иванишвили ги отфрла обвинувањата.