1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски ќе разговара со Филе

ЕМФ/миа25 октомври 2013

Македонскиот премиер Никола Груевски, кој е во работна посета на Брисел, денеска (25.10) ќе има средба со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

https://p.dw.com/p/1A5ug
Фотографија: MIA

Портпаролот на еврокомесарот Филе, Петер Стано, пред два дена најави дека главна тема на средбата ќе биде Извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ:

„Со оглед на тоа што овој состанок доаѓа десет дена по објавувањето на прогрес-извештаите на Европската комисија за земјите- кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија, природно е дека главна тема на оваа дискусија ќе биде извештајот за Македонија, односно наодите и препораките од истиот. Ќе се разговара за содржината на прогрес-извештајот и предизвиците што не очекуваат, пред сѐ што ќе треба да стори Македонија и што ЕК може да направи во продолжувањето на поддршката на Македонија на нејзиниот европски пат“, изјави Стано за МИА.

Според него, неизбежна тема на средбата ќе биде и спорот за името:

„Прашањето за името е блиску поврзнао со пристапниот процес што го ставивме и во заклучоците и препораките во извештајот. Ние го повторивме нашиот предлог кога станува збор за отворање на пристапните преговори и решение за прашањето за името. Се разбира дека ова отворено прашање и преговорите се поврзани едно со друго и ова се разбира дека ќе биде дел од дискусијата меѓу Филе и Груевски.“

Гласноговорникот на еврокомесарот за проширување, потврди и дека на маса на разговорите ќе се најдат и последните случувања во Македонија и високата затворска казна за новинарот Томислав Кежаровски, за што загриженост пројави и еврокоемсарот Филе.

„Не би сакал да навлегувам во конкретни детали и теми за кои ќе разговараат, што е до нив, но секој состанок меѓу комесарот Филе и неговите партнери е исто така и можност за да дискутираат за последните случувања и настани што се важни за односите меѓу ЕУ и земјата за која станува збор и нејзината европската агенда. Се разбира, може да се очекува дека во петок ќе се допре и темата за последните случувања во земјата што влијаат на европските норми и нивното исполнување“, рече Стано.