1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски ќе лобира во Брисел

27 октомври 2010

Македонската влада се‘ уште се надева дека ЕУ и Грција ќе прифатат грчко-македонскиот спор да се решава според хрватско-словенечкиот модел. Премиерот Груевски ќе се сретне со претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо.

https://p.dw.com/p/Poio
Македонскиот премиер Груевски и претседателот на ЕК Барозо на една од нивните претходни средби (архива)Фотографија: MIA

Шефот на македонската влада Никола Груевски денеска ќе го уверува престедателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо дека Македонија прави се‘ да се реши проблемот со името, но дека тој е наметнат од страна на Грција.

Вака барем, вчера во Брисел, ги претстави работите Петар Поп-Арсов, од македонското владеачко мнозинство пред претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпој. Тој ја објаснува македонската позиција:

„Ќе бараме и предлагаме некое друго решение, можеби, во иднина. Меѓутоа, едноставно, сметаме дека проблемот што го наметна Република Грција во однос на нашето уставно име е ирационален и едноставно овој модел, хрватско-словенечкиот, би можел да се примени. Токму и затоа го поставив прашањето. Официјален Брисел можеби на некој начин, под притисок на Република Грција можеби има изградено став, но ова е добро место кадешто пред сите претставници на националните парламенти, членки на ЕУ, можеме да го презентираме ова прашање, овој предлог и можеби и да добиеме поддршка од мнозинството земји членки, па можеби Брисел ќе ја преиспита својата позиција.“

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Брисел може да има разбирање за ваквиот став, но не може да помогне, се‘ додека Грција не попушти. Правилото на консензус останува да важи во ЕУ, а без согласност од Атина, преговорите за членство не можат да започнат.

Премиерот Груевски од денес (27.10) до петок ќе лобира во Брисел Македонија да добие преговори со ЕУ. Во овој контекст, се‘ повеќе се споменува можноста за уште една средба на двајцата премиери деновиве, во седиштето на ЕУ. И Груевски и неговиот грчки колега Папандреу ќе престојуваат неколку дена во европската престолнина, а Македонија сака да покаже дека е конструктивна во решавањето на спорот со својот јужен сосед.

Ни едната ни другата страна не потврдуваат дали ќе има средба, но не негираат дека се бара термин и време.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска