1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Ќе градиме добрососедствo, кој и да е на власт во Грција

ЕМФ/миа6 мај 2012

Македонија ќе продолжи да гради добри политики со Грција независно од опцијата која ќе победи на изборите, изјави денеска (06.05) македонскиот премиер Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/14qoW
Фотографија: AP

Ќе се обидеме да ги придвижиме работите кон подобро и кон решение на прашањето за името, нагласи премиерот Груевски, зборувајќи за очекувањата на регионален план и градењето добрососедски политики по изборите во Србија и во Грција.

Според Груевски, треба да победат оние за кои граѓаните на државите во кои се гласа ќе оценат дека моментно се најдобра опција. Кого и да изберат граѓаните, најави Груевски, „ќе се обидеме и понатаму да имаме добри односи со нив и да градиме добри политики“:

„Особено овде станува збор за Грција, бидејќи имаме сериозен проблем со нив, со прашањето кое не‘ оптоварува и блокира 21 година. Посебно со таа држава, кој и да дојде на власт, ќе се обидеме да ги придвижиме работите кон подобро и кон решение на прашањето кое ги оптоварува и двете земји, се разбира нас повеќе, затоа што ние сме блокирани, но се разбира не и‘ е се‘ исто и на Грција да носи таков товар пред Европа и светот со години наназад“, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Геронтолошкиот завод во Скопје.