Груевски уште не добил одговор од Пападимос
9 февруари 2012Македонскиот премиер Никола Груевски смета дека е добро што медијаторот во грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц, доаѓа во Македонија и во Грција, но оти останува да се види со кого ќе се сретне во Атина и дали разговорите воопшто ќе имаат некаква суштина.
Груевски уште истакна дека досега нема добиено одговор на писмото што го упати донеговиот грчки колега Лукас Пападимос, што е показател оти грчката страна нема интерес за решавање на прашањето за името. Таквиот грчки став, според Груевски, прави проблем на целиот регион.
„Македонија продолжува да се бори за влез во НАТО“
„ Од една страна Грција зборува за агенда 2014, и вклучување на сите земји од Балканот во ЕУ, а од друга страна максимално го кочи влегување во НАТО и ЕУ на Македонија, со што прави штета и на Република Македонија и на себеси. Не знам колку се свесни за тоа, но времето ќе им го докаже тоа и прават штета на целиот регион.
Македонија ќе продолжи со сите сили да се бори за решавање на прашањето со името и за влез во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ коишто се директно и недвосмислено закочени од страна на Грција“, изјави премиерот Никола Груевски.
Автор: ЖА/СН/миа
Редактор:СН