1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: спорот за името не може да биде легален услов за прием во НАТО

АМ/миа10 мај 2012

Премиерот Груевски испрати писмо до лидерите на државите членки на НАТО, во кое им забележува дека агендата на НАТО самитот е непотполна, затоа што на дневен ред не е проширувањето на Алијансата.

https://p.dw.com/p/14slP
Фотографија: MIA

„Она што создава чувство на непотполност е фактот, кој со жалење можам да го констатирам, дека во агендата не се предвидува дискусија по прашањето за проширување на Алијансата. Процесот на проширување на Алијансата е неопходно да продолжи, бидејќи со тоа несомнено ќе се придонесе кон зајакнување на стабилноста, просперитетот и демократијата во Југоисточна Европа“, им пишува Груевски на шефовите на државите членки на НАТО.

Тој забележува дека во минатите години се исполнети „сите потребни критериуми за членство во НАТО, што беше констатирано на минатиот самит во Букурешт“. Груевски забележува дека земјата се докажала како „рамноправен партнер на Алијансата, активно придонесувајќи во реализацијата на меѓународните мировни мисии предводени од НАТО, особено мисијата ИСАФ во Авганистан“.

„На тој начин, Република Македонија покажа дека може да ги презема обврските од членството во Алијансата, партиципирајќи во унапредувањето на колективната безбедност и изградбата на слободни и демократски општества“, стои во писмото на Груевски.

Во него тој потсетува и на грчката блокада. „Токму од овие причини, сметам дека актуализирањето на поканата за членство во НАТО на претстојниот самит во Чикаго ќе претставува логичен исход на сработеното од страна на Република Македонија и вреднување на нашите заложби, придонеси и аспирации. Како што знаете, во Букурешт не ја добивме поканата за полноправно членство заради противењето на нашиот сосед, Република Грција, која го попречи нашиот прием заради еден билатерален спор кој го има со нас, а кој никако не е и не може да претставува легален услов за членство во Алијансата“, забележува Груевски. Во писмото македонскиот премиер укажува и на пресудата од Хаг против Грција, според која не треба да се попречува приемот на Македонија во оваа организација под привремената референца.

Flash-galerie Die NATO im Wandel
Писмото на Груевски е адресирано до сите шефови на државите членки на НАТОФотографија: picture-alliance/dpa

„Би сакал да истакнам дека Вашата поддршка на оваа легитимна аспирација на мојата земја и на огромното мнозинство граѓани, ќе биде од големо значење и за нашиот, но и за општиот интерес на Алијансата. Водејќи се од принципите, се надевам дека пресудата на Судот нема да остане само морална сатисфакција за Република Македонија, односно нема да биде игнорирана од страна на земјите членки на НАТО“, пишува Груевски.

Премиерот нагласува дека приемот на Македонија во НАТО нема да биде само од корист за стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот, туку ќе биде и од полза за создавање поволна клима на доверба меѓу Македонија и Грција. Груевски нагласува дека приемот во Алијансата ќе даде динамика и на преговорите за името.

„Инсистирањето на солидарност лишена од принципи, ја става на преден план силата како единствен чинител на дејствување. Оттука, потребно е да се покаже поголемо разбирање за ситуацијата пред која е исправена Република Македонија, која е условувана за добивање на покана од една земја членка и покрај исполнувањето на сите неопходни услови и стандарди кои што од нас беа побарани. Потребно е да се преиспитаат постојните позиции во однос на членството на Република Македонија во НАТО и истовремено да и се даде можност на Грција да се изјасни за согласноста од почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата“, им пишува Груевски на лидерите од НАТО членките.