Груевски подготвен на директни средби со Атина за името
24 јули 2012Подготвеност за директни средби на највисоко ниво со грчката страна за надминување на спорот со името, изразил денеска (24.07) македонскиот премиер Никола Груевски, на средбата со Метју Нимиц, медијаторот на Обединетите Нации.
Груевски, како што се вели во владиното соопштение, изрази надеж и очекување за конструктивен пристап и од грчка страна, како и неопходност од давање приоритет на ова прашање од страна на Грција.
Македонскиот премиер го потенцираше конструктивниот пристап на македонската страна и подготвеноста за продолжување на динамичен дијалог, а во интерес на изнаоѓање на решение.
Веднаш по средбата Нимиц замина во Охрид каде што попладнево треба да има тет-а-тет разговори со претседателот Ѓорге Иванов.
Нимиц ќе му се придружи на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун кој вечер на Охридскиот аеродром пристигнува во дводневна официјална посета на Македонија.
Посредникот Нимиц од Скопје на 26 јули заминува за Солун каде што треба да се сретне со грчкиот претставник во разговорите за името Адамантиос Василакис.