1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: ниту поголем, ниту помал оптимист од претходно

18 мај 2010

Премиерите на Македонија и на Грција Никола Груевски и Јоргос Папандреу имаа неформална средба на маргините на самитот ЕУ-Латинска Америка во Мадрид.

https://p.dw.com/p/NR7V
Никола Груевски и Јоргос ПапандреуФотографија: MIA

Неформалната средба траела 15-20 минути за време на синоќешната (17.05.2010) вечера во кралската палата во Мадрид. „Не би можел да кажам ни дека сум поголем, ниту помал оптимист отколку претходно, зашто проблемот е долгорочен и долго време го очекуваме неговото финале. Останувам со исчекување да дојде до решение на проблемот за името“, изјави Груевски по средбата.

Груевски подвлече дека неговиот грчки колега изразил волја и желба за што побрзо решение на спорот во рамки на процесот во кој посредува медијаторот на ОН Метју Нимиц, кое ќе биде прифатливо за двете страни. „Се надевам дека зборовите ќе бидат преточени во дела, зашто едно е да се зборува, а друго е тоа да се изработи“, рече Груевски.

Dossierbild 1 Griechenland Krise Flaggen
Стравувања во регионот од влијание на грчката финансиска кризаФотографија: AP

Економската криза-една од темите

Македонскиот и грчкиот премиер разговарале и за состојбата во регионот, како и за потребата сите земји да станат членки на ЕУ што е можно побргу, како и за економската ситуација во Грција. Папандреу изнесол детали за грчката криза и смирувачки информации дека главниот проблем е надминат, па може да се очекува период на заздравување.

„Тоа е добро и за Македонија, зашто Грција е наш сосед, би рекол и веројатно најбогат, со многу инвестиции во Македонија и трговија со нас. Ние стравувавме колку грчката криза ќе влијае на нашата економија, која во минатите години претрпе многу шокови, како глобалната криза, ценовниот шок на енергенсите и на храната. Затоа е нормално да стравуваме од нови шокови. Папандреу изрази уверување дека се преземени сите мерки предложени од ММФ и ЕУ, така што се надевам дека и таму работите ќе одат во подобар правец“, рече македонскиот премиер.

Автор: ЖА/ЕМФ/миа

Редактор: Александра Трајковска