1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски најави нова стратегија

ЕМФ/миа/макфакс17 август 2013

Доколку во наредните денови не се најде решение и не се одблокира работата на Комисијата за утврдување на настаните од 24 декември 2012 година, следува нова стратегија на ВМРО ДПМНЕ, најави македонскиот премиер Груевски.

https://p.dw.com/p/19RWa
Фотографија: MIA

Извештајот на Комисијата за утврдување на настаните од 24 декември 2012, според македонскиот премиер Никола Груевски, бил речиси готов и пред објавување, но се искомплицирал со враќањето од одмор на Бранко Црвенковски:

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ постојано се обидувавме нешто да направивме, ги баравме за да се придвижи, зашто извештајот е 99,9 отсто завршен и да не беше враќањето на Бранко Црвенковски, следуваа да се усогласат само ситни финеси и тој да се изгласа. Се‘ уште се надевам дека во наредните денови ќе се најде решение, но веќе и нема многу време зашто истекуваат роковите и последиците подоцна доаѓаат. Како партија нема да останеме неми набљудувачи на овие последици и доколку во наредните денови не се најде решение, ќе размислиме за нови чекори и нови стратегии кои ќе бидат сосема различно од она што е сега“, рече Груевски во село Ростуше, каде што претходно отвори спортска сала.

СДСМ: ВМРО ДПМНЕ не сака обелоденување на вистината

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија денеска (17.08) соопшти дека ги отрфла обвинувањата за нефункционирањето на Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември и обвини дека ВМРО-ДПМНЕ е таа која не сторила ништо за одблокирање на Комисијата. Според портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, опозиционата партија се обвинува за нефукнкционирање на Комисијата преку лажни и непоткрепени информации:

Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

„Со лиферување на овие лажни информации, ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не само што сака да ја избегне одговорноста за нефункционирањето на Комисијата за 24 декември, туку и дека никогаш искрено немало намера да ги исполни своите обврски и да го испочитува договорот постигнат на први март“, изјави Шилегов, додавајќи дека СДСМ во целост и крајно принципиелно ги исполнила сите обврски од тој договор. „Од своја страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ не стори ништо да се одблокира функционирањето на Комисијата, затоа што не сака обелоденување на вистината за тоа што се случи на 24 декември во Собранието“, рече Шилегов.

Тој истакна дека натамошното функционирање на Комисијата, по повлекувањето на претседателот Давитковски, е одговорност на власта и претседателот Иванов, чијашто обврска е именувањето прв човек на Комисијата.