1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Македонија е цврсто определена да го надмине спорот за името

7 октомври 2010

Македонскиот премиер Никола Груевски денеска (07.10) се обрати пред ПС на Советот на Европа. Зборувајќи за спорот со името рече: „Ако некој сака да најде решение не е добро да истакнува непреминливи црвени линии“.

https://p.dw.com/p/PY7i
Никола ГруевскиФотографија: Agentur MIA

Шефот на македонската влада Никола Груевски при денешното обраќање пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), осврнувајќи се на значењето и приоритетите на македонското претседателство со Комитетот на министрите на Советот на Европа истакна дека Република Македонија ги почитува европските препораки и дека нејзиниот развој се темели врз фундаменталните вредности на Советот на Европа, мирот, стабилноста, демократијата и подобрувањето на принципите на универзалните човекови права и владеењето на правото.

Груевски рече: „Почитувањето на етничката и културната коегзистенција е наша традиција, градена со векови наназад и модел на нашата иднина“.

Тој, притоа, ги охрабри и другите земји да го следат примерот на Македонија. Без да именува кого било, тој од говорницата на ПС на СЕ ги охрабри земјите кои се‘ уште ја немаат ратификувано Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, тоа да го направат без одлагање.

„Само така малцинствата во овие земји ќе можат во целост да ја уживаат заштитата која таа им ја обезбедува“, рече македoнскиот премиер.

НАТО и ЕУ врвен приоритет за Македонија

Членството во ЕУ и НАТО, според Груевски, е врвен приоритет на македонската надворешна политика и наидува на огромна поддршка и одобрување кај повеќе од 80 проценти од граѓаните на земјата. Во таа прилика, тој потсети дека „иако земјата ги исполни сите неопходни критериуми и доби препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ од страна на Европската Комисија, заради противењето на една земја членка, поради спорот во врска со уставното име на Македонија, Советот на ЕУ не ја прифати препораката на Комисијата и со тоа македонската перспектива повторно беше попречена“.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski in Straßburg Flash-Galerie
Македонскиот премиер се сретна и со Претседателот на ПС на СЕ Мевлут ЧавушоглуФотографија: Agentur MIA

Македонија сака да го надмине спорот со Грција

Груевски нагласи дека во Македонија постои цврста определба за надминување на овој спор, според принципите на кои е втемелен Советот на Европа:

„Тоа се принципи на меѓусебно почитување и разбирање, принципи на толеранција и почитување на различноста, принципи на почитување на идентитетот на другиот и неговото право на самоидентификување, принципи на почитување на меѓународниот поредок и неговите норми и правила.“

Одговарајќи на прашањето на македонскиот парламентарец Андреј Жерновски, поставено во името на групата на европските либерали на ПС на СЕ, кој сакаше да знае која е македонската црвена линија во преговорите со Грција, бидејќи грчката црвена линија е позната, Груевски рече дека „ако некој сака да најде решение на еден проблем не е добро да истакнува непреминливи црвени линии“. Грција, рече македонскиот премиер, “ постојано го прави тоа со што им штети на напорите кои ги правиме за решение на проблемот“. Повторувајќи го тоа што го кажа претходно во говорот, дека треба да се почитува правото на секоја земја да го избере името кое го сака, почитување на индивидуалните права, јазикот, националноста, идентитетот, Груевски нагласи дека треба да се најде не само решение прифатливо за двете страни, туку „треба да биде прифатливо и за нашите граѓани, бидејќи ние имаме политичка одговорност и за граѓаните на Македонија.“

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski in Straßburg
Груевски зборуваше и за проблемот со иметоФотографија: Agentur MIA

Решението за името на референдум

„Ако најдеме решение ние ќе треба да се вратиме да организираме референдум кој ќе им дозволи на граѓаните на Македонија да кажат дали или го прифаќаат тоа решение или не“, подвлече Груевски.

На забелешката на грчката парламентарка Елза Пападимитриу, која го обвини Груевски дека директно или индиректно поддржувал иредентистички однесувања, како фотографирањата пред картата на „Голема Македонија“, на која го има Солун во Македонија, македонскиот премиер одговори дека овие карти биле на манифестација на која тој бил поканет и дека тоа не треба да се поврзува со неговата визија и напорите за изнаоѓање на решение за проблемот со името. Тој рече дека секоја поддршка од СЕ, иако проблемот се решава под закрила на ОН, е добредојдена.

Чавушоглу: Преговорите со ЕУ треба да започнат

Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Мевлут Чавушоглу на денешната средба со македонскиот премиер Груевски, истакна дека прашањето за името е непотребен проблем во средиштето на Европа и дека е неприфатливо земји и нации да бидат блокирани поради непотребни проблеми:

„Преговорите треба да почнат и се надевам дека проблемот со името исто така ќе биде решен во блиска иднина. Што се однесува до европската интеграција, немаме време за губење“, истакна Чавушоглу.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска