Груевски и Филе в петок за актуелната состојба во Македонија
22 октомври 2013Македонскиот премиер, Никола Груевски од утре ќе престојува во тридневна работна посета на Брисел. Покрај учеството на Самитот на Европските народни партии (ЕПП) в четврток, тој в петок ќе има билатерална средба со комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе.
- Можам да потврдам дека комесарот Филе в петок ќе се сретне во Брисел со премиерот Никола Груевски. Со оглед на тоа што овој состанок доаѓа десет дена по објавувањето на прогрес-извештаите на Европската комисија за земјите- кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија, природно е дека главна тема на оваа дискусија ќе биде извештајот за Република Македонија, односно наодите и препораките од истиот. Ќе се разговара за содржината на прогрес-извештајот и предизвиците што не очекуваат, пред се што ќе треба да стори Македонија и што ЕК може да направи во продолжувањето на поддршката на Македонија на нејзиниот европски пат, вели портпаролот на Филе, Петер Стано.
Според Стано, неизбежна тема на билатералката Филе-Груевски ќе биде и спорот за името на Република Македонија.
- Прашањето за името е блиску поврзнао со пристапниот процес што го ставивме и во заклучоците и препораките во извештајот. Ние го повторивме нашиот предлог кога станува збор за отворање на пристапните преговори и решение за прашањето за името. Се разбира дека ова отворено прашање и преговорите се поврзани едно со друго и ова се разбира дека ќе биде дел од дискусијата меѓу Филе и Груевски, дециден е Стано.
Гласноговорникот на еврокомесарот за проширување, потврдува и дека на маса во разговорите в петок ќе се најдат и последните случувања во Македонија и високата затворска казна за новинарот Томислав Кежаровски, за што загриженост синоќа пројави и комесарот Филе.
- Не би сакал да навлегувам во конкретни детали и теми за кои ќе разговараат, што е до нив, но секој состанок меѓу комесарот Филе и неговите партнери е исто така и можност за да дискутираат за последните случувања и настани што се важни за односите меѓу ЕУ и земјата за која станува збор и нејзината европската агенда. Се разбира, може да се очекува дека во петок ќе се допре и темата за последните случувања во земјата што влијаат на европските норми и нивното исполнување, вели Петер Стано.