1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Грција да смогне сила и да помогне за евроинтеграцијата на Македонија

18 декември 2011

Македонскиот премиер Никола Груевски верува дека Грција ќе почне одговорно да се однесува, а НАТО и ЕУ, како основачи на Меѓународниот суд на правдата, ќе ја вреднуваат неговата одлука во корист на Македонија.

https://p.dw.com/p/13V1I
Македонскиот премиер Никола ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

Позитивниот извештај од Европската комисија и третата по ред позитивна препорака за старт на пристапните преговори е потврда за успехот на планот на реформите на Македонија. Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Македонија цело време одговорно се однесувала, дека на ниту еден начин не ја прекршила Времената спогодба и дека Грција незаконски го блокирала членството на Македонија во НАТО, иако ги исполни сите критериуми, истакна македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на вчерашната 14-та годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој верува дека Грција ќе почне одговорно да се однесува и НАТО и ЕУ, како основачи на Судот, ќе ја вреднуваат одлуката на Судот и сите заедно, како што рече, ќе овозможат приближување на Република Македонија во евроатланските интеграции и ќе потврдат дека сите се за владеење на правото, за соработка и ширење на евроатланските идеи.

Груевски истакна дека Грција треба да смогне сила да ја помогне интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ и да покаже добра волја за добивање на датумот.

Europa Mazedonien

„Правдата можеби е некогаш бавна, но секогаш стигнува. Токму Македонија по долго чекање деновиве беше осветлена од правдата. Од МСП во Хаг. Судот пресуди дека имаме право да го користиме името Република Македонија во комуникацијата со меѓународни организации и на билатерално ниво, дека разговорите околу надминување на разликите не се пречка Македонија да се зачленува во меѓународни организации и дека на Самитот во Букурешт неоправдано сме биле блокирани од страна на Грција, која притоа презела незаконски чекори и не сме ја добиле поканата за членство во НАТО, иако сме ги исполниле сите критериуми и услови за влез. Со други зборови, додаде, ова значи дека Заклучокот на НАТО-Самитот во Букурешт бил резултат на претходни незаконски дејствија и чекор од една земја-членка на НАТО“, изјави Груевски.

Грчките политичари, додаде тој, треба да соберат сила и искрено да помогнат во интеграцијата на својот сосед во НАТО и во ЕУ.

„Ако може економски да соработуваме, не гледам причина зошто политичката соработка би била проблем. Проблемите постојат само во главите на неодговорните и непосветените. А јас верувам дека од другата страна навистина има квалитетни лица кои можат да смогнат енергија и да повлечат правилен потег. Со таквото однесување регионот конечно ќе биде осигуран и стабилизиран и ќе има можности за развој во една целина. Со такво однесување ќе дадеме силен влог во почитувањето на светските принципи за владеење на правото, слободата, правдата и еднаквоста. Со такво однесување ќе го пополниме празниот простор во телото на НАТО и трајно ќе го обезбедиме ширењето на евроатлантската идеја и вредностите кои ги споделуваме и во кои веруваме“, рече премиерот Груевски, обраќајќи се на конференцијата.

Автор: ЖА/ АТ/ миа

Редактор: Александра Трајковска