Инвестирајте во Македонија
24 ноември 2011Македонскиот премиер Никола Груевски ги повика германските фирми да инвестираат во Македонија на вчерашниот Македонско-германски бизнис форум во Минхен.
Официјално Скопје очекува влез на германски капитал во повеќе сектори, меѓу другите, во производството на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство, туризам, градежништво и инфраструктура и други. Груевски пред германските бизнисмени ги претстави политиките на неговата влада за привлекување странски инвестиции.
Заклучно со 2010. година, германските директни инвестиции во Македонија изнесуваат околу 70 милиони евра, што е 2,98 отсто од вкупните странски директни инвестиции во земјата.
„Очите на македонската политичка и бизнис заедница во една мала и отворена економија, како што е Република Македонија, се вперени токму во Сојузна Република Германија. Брзото закрепнување на германското стопанство е еден од најважните услови за зголемување на македонскиот извоз и задржување на високите стапки на економски растеж меѓу 4 и 6 проценти, кои ги имавме пред кризата и повторно ги остваривме во првата половина од 2011 година, истакна премиерот кој посочи дека одличната економска соработка меѓу двете земји е плод на долгогодишната меѓусебна доверба, значајните реформи кои ги преземаме и секако континуираната поддршка што СРГ ја дава на патот кон европските интеграции“, порача Груевски.
Автор: БГ/миа
Редактор: Симе Недевски