1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: ВМРО ДПМНЕ не посакува, но ќе оди на предвремени избори ако се неизбежни

ЖА/миа/макфакс15 септември 2012

Предложениот закон за бранители не е противуставен, туку е мала компензација на оние кои ги ризикуваа животите во одбрана на Македонија и внимание кон семејствата на загинатите бранители, вели македонскиот премиер.

https://p.dw.com/p/169hf
Фотографија: MIA

Барањето со Законот да се опфатат и оние кои им ги одземаа животите на бранителите е некоректно, изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во својот говор на Годишната конференција на Унијата на млади сили на партијата.

Обидите за негово кочење и блокирање, рече тој, се бесмислени и не се во духот на Рамковниот договор и во духот на соживотот и толеранцијата.

„Раните од 2001. година се се‘ уште недолечени и инсистирање кон овој закон да се приклучат и оние коишто им ги одземаа животите на бранителите од 2001 година не може да биде коректно барање“, потенцира Груевски.

Тоа барање, укажа тој, ја влошува севкупната атмосфера и е некоректно, исто како што беше и злоупотребата на армиската униформа во Слупчане. Тоа, истакна Груевски, е неприфатливо. Затоа премиерот повика на разум и повеќе политичка зрелост во државата.

„Особено загрижува што политичката борба помеѓу албанските политички партии после 21 година независност се‘ уште се сведува речиси исклучиво на етнички прашања“, рече Груевски, додавајќи дека таа атмосфера во интерес на сите треба да се менува, затоа што е заразна и опасна.

Затоа, продолжи тој, „повикувам на поголема политичка, но и државничка зрелост“. Ако оваа држава е на сите, подвлече Груевски, тогаш сите треба да се грижат за целата држава, а не само за одделни нејзини делови.

„ВМРО-ДПМНЕ не е партија која ќе дозволи некој да ја исплаши или да ја уцени со уривање од власт или со предвремени избори кога е во прашање успехот и достоинството на македонските граѓани. Не ја наведнувам главата пред неправдата, колку да е тоа во моментот контрапродуктивно за мене. Разбирам дека животот на политичарите е поврзан со компромисите и затоа сум правел и ќе правам многу компромиси кога верувам дека се за општо добро. Но, се разбира, се‘ има своја граница и своја мерка. Сум плаќал и ќе плаќам цена за тие компромиси. Нo, не сум подготвен да го вложам достоинството на цел еден народ, како цена за некој да го понижува, а јас да молчам. Особено не сум подготвен да го правам тоа кога нема да реши некој проблем, туку создава нов“, рече Груевски.

Тој додаде дека исто како што имаше осуди за навредите од поединци на Вевчанскиот карневал, така за осуда се злоупотребите на униформите на АРМ, незаконските промени на имиња на училишта...

„Затоа уште еднаш повикувам на демонстрација на љубов кон својата држава и кон сите граѓани, а не само кон сопствениот етникум, како на Македонците, така на Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Власите и сите останати, како и демонстрација на толеранција и почит“, истакна тој.

ВМРО-ДПМНЕ, повтори лидерот на партијата, не посакува предвремени избори, но ако се неизбежни, односно ако бидат испровоцирани „подготвени сме веднаш за тоа“.