Груевски бара од иселениците да инвестираат во Македонија
18 јули 2012На конференцијата што се одржува денеска и утре (18/19.07) се присутни претставници на иселенички организации од Европа, Австралија, Северна и Јужна Америка. Отворајќи го собирот, премиерот Никола Груевски, рече:
„Ваквите собири и манифестации имаат додадена вредност и претставуваат силен поттик да останеме единствени, непокорни, силни и истрајни пред предизвиците со кои се соочуваме денес, да ги потврдиме и промовираме нашата традиција и нашиот македонски идентитет и македонски јазик.“
Според Груевски, интерес на Владата и натаму ќе остане зачувувањето и унапредувањето на врските и соработката со дијаспората. Тој им оддаде признание на иселениците кои низ разни форми работеа на зачувување на врските со својата држава, на зачувувањето и промовирањето на националниот и културниот идентитет на Македонците во светот, како и промоцијата на државните интереси на Република Македонија. Притоа ги охрабри да продолжат во таа насока, посебно во време кога Македонија се бори за своето место во развиените европски демократии и пазарни економии.
„Вашата истрајност во негувањето, развивањето и афирмацијата на македонскиот национален, културен, јазичен и духовен идентитет го потврдивте во повеќе наврати преку вашите активности во бројните здруженија, црковните општини, културни друштва, хуманитарни организации, спортски клубови, играорни друштва и слични организации. Тие повеќе од сите други сведочат дека чувството за македонските корени не е ниту малку заборавено, напротив дека е широко распространето насекаде низ светот каде живеат Македонци“, истакна премиерот и додаде дека негувањето и унапредувањето на врската на Македонците од дијаспората со својата татковина, како и нивната инволвираност во развојот на земјата се едни од најзначајните интереси и приоритети на Владата.
Посочувајќи ги реформите што Владата ги презела за да ја подобри бизнис-климата и да привлече странски инвеститори, Груевски рече дека особено е значајна и соработката и привлекувањето инвестиции од дијаспората, која има значајна улога во спојувањето на два глобални приоритета за македонската економија - поттикнувањето странски инвестиции и извозот на македонскиот производ.
„Очекуваме вие да најдете цврст економски бизнис-интерес во таквите проекти. На наша страна е да создадеме соодветна бизнис-клима. Емотивната страна во сето тоа треба да биде, условно да кажеме, некој вид катализатор. На ваша страна тоа да биде исполнување на желбата да бидете во што е можно потесен контакт со татковината“, им порача на иселениците премиерот.
Конференцијата на иселениците е собир на претставници на околу 140 организации. На конференцијата, која е во организација на Агенцијата за иселеништво, годинава се дебатира за мајчиниот јазик, зачувувањето на културата, државјанството, а ќе биде организиран и мини бизнис форум.