1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грозен напад со трагичен епилог“

4 март 2011

Додека политичарите и верските лидери на Косово најжестоко го осудија нападот врз американските војници во Франкфурт, растат стравовите од екстремистичките групи, кои во последните години се формираа во земјата.

https://p.dw.com/p/10TKD
Фотографија: picture alliance/dpa

Косоварите се целосно огорчени и загрижени по потврдата на веста дека нивен сонародник од верски причини уби двајца американски војници на франкфурсткиот аеродром и двајца тешко рани. Уапсениот убиец по потекло од Косово, кој живее во Франкфурт, во меѓувреме го призна делото. За косвскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи е целосно неразбирливо еден Косовар да пука врз американски војници:

„Ова е грозен напад, трагичен епилог. Веста длабоко ги потресе сите граѓани на Косово, зашто САД беа тие кои најмногу не‘ поддржаа во најтешките моменти“.

Стотици граѓани во косовскиот главен град Приштина и во Косовска Митровица запалија свеќи по нападот врз американските војници. Според нив, атентаторот е „криминалец кој воопшто не ги отсликува убедувањата на Косоварите“. Многу косовски граѓани се солидаризираа со жртвите, со американснските војници и со американскиот народ. Во Парламентот со минута молчење им беше оддадена почит на жртвите.

Атентатот го осуди и исламската заедница на Косово:

„На нападот гледаме како на грозно и многу тешко дело. Во Косово имаше повеќе инциденти, во кои војниците на НАТО настрадаа при нагазување мини или во сообраќајни несреќи. Но, војниците од нам блиските држави Косоварите секогаш ги гледаа со благонаклонетост“, вели портпаролот на исламската заедница, Ресул Реџепи.

Мора да се спречи радикализација на младите

Bajram Rexhepi Innenminister von Kosovo
Теоретски, секогаш постои можност од напади - Бајрам РеџепиФотографија: DW/Ajete Beqiraj

Повеќе од 90 проценти од Косоварите се со муслиманска вера. Религијата меѓутоа се‘ до пред неколку години не играше важна улога во косовско-албанкото општество. Вакуумот во власта по војната во 1999 година беше искористен од одредени радикално-религиозни групи за развој на нивните активности. Најактивни моментно се т.н. вахабии, кои може да се сретнат насекаде, по улиците, во училиштата или во џамиите. Често тие се насилни, дури и кон претставниците на муслиманската заедница на Косово. „Крајно време е да се преземе нешто против тие групи“, смета аналитичарот Муфаил Лимани:

„Косовската влада и особено министерството за образование мора што поскоро да преземат чекори за да спречи младите момчиња и девојки од сиромашните косовски семејства да одат да студираат во источните земји. Нив ги врбуваат различни екстремистички групи, чии идеи потоа тие ги носат во Косово“.

Ниту политичарите ниту аналитичарите не веруваат дека во Косово постои опансот за меѓународните трупи. Министерот за внатрешни работи Реџепи не верува во можни терористички напади, но не може ниту да ги исклучи:

„Теоретски секогаш постои ваква можност, но досега немало никакви напади. Верувам дека не само институциите, туку и граѓаните на Косово не би дозволиле такви работи. Дали овие радикални групи се под целосна контрола? Не, не се. Целосна контрола без ефикасна тајна служба е многу тешко спроведлива. Се обидуваме со нашите капацитети и со помош на другите служби да спречиме слични напади да се случат и во Косово.“

Автор: Бахри Цани / Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев