1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓанскиот сектор во криза, донациите секнаа

Кристина Озимец25 ноември 2012

Странските донатори се повлекуваат од Македонија. Граѓанскиот сектор веќе се соочува со сериозни последици, а повеќето граѓански организации тешко или воопшто нема да опстанат, предупредуваат познавачите.

https://p.dw.com/p/16pTi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Странската чешма секна. Поголемиот дел од странските донатори кои вообичаено донираа пари за предложените проекти од страна на македонските граѓански здруженија, веќе подолго време се повлекуваат од Македонија. Митот дека ако се отвори „невладина“ може добро да се живее згасна, но уште поважно е што наскоро им се заканува згаснување на многу од организациите кои посериозно работеа низ годините во граѓанскиот сектор во земјата.

Последиците од повлекувањето на донаторите веќе се наѕираат, особено затоа што во меѓувреме не се создадоа сериозни домашни услови за финансиска поддршка и развој на граѓанскиот сектор, велат познавачите.

Биљана Бејкова, директорка на НВО Инфоцентарот за Дојче веле вели дека намалувањето на финансиската поддршка на донаторската заедница сериозно ќе влијае врз развојот и опстанокот на граѓанските организации.

„Ниту власта, ниту стопанствениците го разбираат и го поддржуваат значењето и улогата на граѓанските иницијативи. Во ситација на економска криза и рецесија уште помалку може да се очекува домашна поддршка. Сето ова го потврдува фактот дека граѓанските организации без странска финансиска поддршка тешко или воопшто не можат да опстанат“, смета Бејкова.

Според неа, организациите веќе имаат намален број на активности. „Ако во изминатите години во НВО Инфоцентарот се случуваа 3 до 5 настани неделно, организирани од различни национални и локални здруженија, тоа во 2012 година е сведено на 3 до 5 настани месечно или уште помалку“, вели таа и додава дека дел од пасивноста на здруженијата се должи и на нивниот страв од евентуални притисоци, доколку се премногу видливи и критични во однос на власта.

Pelister in Skopje
Македонија не е во земјите од развој на кои им треба помошФотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Без странците – тешко

Од Центарот за истражување и креирање политики исто така се загрижени за кризата која може да настане по заминувањето на странските донатори. Професорот Жидас Даскаловски за Дојче веле објаснува дека голем број на невладини организации, кои работат како професионални организации, ќе мораат да се свртат најмногу кон фондовите достапни преку Европската унија.

„Занемарливи биле, се, и ќе бидат средствата кои граѓанскиот сектор ги добива од националните власти, локалните самоуправи, бизнис заедницата и членарините. Во иднина тешко е да се очекува да опстанат голем број на невладини организации. За жал, со пропаста на многу невладини организации се повеќе ќе бидат активни организации кои се повлијателни од политички партии или фондации со политичка агенда, како Фондацијата Отворено општество - Македонија“, вели Даскаловски. 

Тој едно од можните делумни решенија за ваквата ситуација го гледа во принципите на земјите од т.н. Вишеградска четворка, каде дел од данокот граѓаните можат да ги насочат во полза на граѓански организации во земјата, и тоа до два проценти.

Новиот закон за здруженија и фондации обезбеди можност граѓанските организации да извршуваат и комерцијални и економски активности. Дарко Алексов, извршен директор на организацијата МОСТ, смета дека и покрај тоа што повлекувањето на странските донатори негативно ќе се одрази врз граѓанскиот сектор, тој мора да најде други начини на финансирање.

„Граѓанските организации можат да се стекнат и со статус на организација од јавен интерес при што се квалификуваат за добивање на финансиски средства од Владата. Во државата недостасува добро развиена локална филантропија, односно воспоставување на концепт на приватни донации од физичките лица кон граѓанскиот сектор. Тука не смееме да го исклучиме и корпоративниот сектор, кој во други држави има голема улога во финансирањето на граѓанскиот сектор“, вели Алексов.

China Sichuan USAID
УСАИД останува во Македонија до 2015-та годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Удар за значајните играчи

Според анализите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во Македонија нема повеќе од стотина организации кои добиваат значајна странска помош и затоа можеби ова ќе претставува удар за позначајните актери во граѓанскиот сектор. Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски за Дојче веле објаснува дека повлекувањето на донаторите започнува уште од 2004 наваму заради неколку клучни пресврти во земјата.

„Прво беше излегувањето на Македонија од групата на земји во развој на кои им треба помош, каде главен критериум беше БДП по глава на жител да е под 1.600 долари. Потоа се случи добивањето кандидатски статус на земјата. Јазот всушност произлегува од нашето непочнување на преговорите со ЕУ, бидејќи поголем дел од фондовите отидоа и никој не предвидуваше дека ова толку долго ќе трае“, вели Кржаловски.

Според него, програмата УСАИД, која исто така требаше да се повлече од Македонија годинава, токму заради ваквата статус кво ситуација, го продолжила својот ангажман до 2015 година. Сепак, повеќе странски донатори, како шведската агенција за развој, СИДА, програмите на Британската амбасада или, пак, Данида од Данска се очекува да ги прекинат своите донации за Македонија.

„Ако за време на косовската криза постоеја 360 странски агенции, кои даваа средства и за организацииите во Македонија, денес бројката на овие агенции е симната на 10 до 15“, вели Кржаловски.

Бројот на граѓански организации значително се зголеми од 4.203 во 1990 година, до 11.326 во 2010 година, а познавачите велат дека оваа бројка веќе изнесува над 13 илјади организации. Доколку граѓанскиот сектор набргу не изнајде нови начини за долготрајна одржливост, не само што овие бројки ќе се намалат за десетици пати, туку се доведува во прашање воопшто и егзистенцијата на неговото постоење.