1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Граѓаните од ФИРОМ добредојдени во Грција“

Александар Методијев26 јуни 2012

Канцеларијата за врски на Грција во Скопје преку писмено соопштение реагира дека населението во Македонија е доведено во заблуда поради медиумските извештаи за покривање на македонските регистeрски таблички.

https://p.dw.com/p/15LOH
Фотографија: AP

Од Канцеларијата за врски велат дека влезот „на грчка територија на возилата регистрирани во Поранешната југословенска Република Македонија, со регистeрски таблички кои го користат кодот МК“ е регулиран „со практични мерки поврзани со Привремената спогодба и тоа е договорено од двете страни“.

Грчките дипломати објаснуваат дека „според тие мерки, за влезот на приватни возила со знакот МК на територија на Грција, грчките службеници ќе залепат, на слободното место на задното стакло на тие возила, самолеплива налепница со која се наведуваат грчките резерви во однос на тој код“.

Од Канцеларијата за врски се потврдува дека „грчките царински службеници целосно ја применуваат оваа регулатива, ставајќи ги налепниците на задното стакло на возилото“, но негираат дека тоа го правеле на самите регистeрски таблички.

„Гласините кои се однесуваат на воведувањето такса за добивање на стикерите немаат основа“, стои во соопштението, во кое на крајот се забележува:

„Канцеларијата за врски сака да повтори дека граѓаните на Поранешната југословенска Република Македонија се добредојдени во Грција. Какви било обиди за нивно обесхрабрување да ја посетат Грција или секои изјави кои доведуваат во заблуда се контра-продуктивни“.

Nikola Poposki und Enver Hoxhaj
Министерот Никола Попоски смета дека провокациите не придонесуваат за подобрување на односите меѓу Грција и МакедонијаФотографија: MIA

Вчера (25.06) македонскитот министер за надворешни работи Никола Попоски реагираше дека гестовите на провокација не можат да придонесат за подобрување на односите меѓу двете земји, како и дека Македонија од Грција очекува добра волја, приближување и стимулирање добри односи, а не провокации. Македонското МНР реагираше на дипломатско ниво по последните информации за покривање со налепници на македонските регистeрски таблички.

До сега во повеќе наврати македонските камионџии се среќаваа со проблем при влез во Грција, бидејќи на нивните возила беа лепени налепници со ФИРОМ врз налепницата со македонска ознака. Медиумите во Македонија минатата недела објавија дека грчките службеници сега ја покриваат македонската кратенка и на регистарските таблички.