1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните никој, за ништо не ги прашува

Свето Тоевски4 март 2013

„Граѓаните се повеќе објекти, отколку субјекти во креирањето на политиките. Нема ефикасно учество на јавноста во одлучувањето. Автентични граѓански иницијативи има малку, а дел се со партиска заднина.“

https://p.dw.com/p/17pfT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ова се согледувања на дел од експертите, прашани од ДВ, како и од проектот „Огледало на Владата: учество на јавноста во подготовката на законите“, кој го спроведуваат „Македонскиот центар за меѓународна соработка“ и „Балканската мрежа за развој на граѓанското општество“ од Скопје. Од март до октомври лани биле анализирани „Единствениот национален електронски регистар на прописи“ и интернет – страниците на владините министерства, на кои биле објавени 157 предлог – закони. Безмалку две третини од сите тие закони биле објавени директно штом влегле во владината процедура. Поради тоа јавноста не била во можност да влијае врз нив. Биле доставени само 6 коментари од засегнатата јавност во врска со сите анализирани закони.

Мирјана Најчевска, правен експерт од Институтот за социолошки и правно – политички истражувања од Скопје, коментира: „Граѓаните немаат никакво влијание врз одлуките и политиките. Не постои механизам, ниту процедура, која што остава макар малку подотворена врата за влијание и учество на граѓаните врз нив. Во одлучувањето не учествуваат ниту Парламентот и Владата, туку многу тесен партиски круг. Тој круг донесува одлука, која потоа само формално ја процесуира.“

„Граѓаните  ’клиенти’ било на опозицијата, било на власта“

Илија Ацевски од државниот Институт за социологија во Скопје се надоврзува: „Во партизираното општество партиите ја преземаат главната улога и креираат се. Во такви околности го нема она граѓанското, или е потиснато до крајни граници, како да не постои. Како што се партизира и се политизира ситуацијата, како што започнува да се случува тоталитаризацијата, има се помалку граѓански иницијативи, граѓански права и слободи. Граѓаните се претворени во ’клиенти’, било на опозицијата, било на власта, главно, како ’клиенти на институциите’. Во овој случај како ’клиенти на државата’, во смисла дека таа дава, таа проектира, а граѓаните прифаќаат и извршуваат. Тие немаат иницијатива ниту слобода, просторот е многу стеснет, за да можат да направат нешто.“

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Sveto Toevski

Независниот политички аналитичар Ибрахим Мехмети од Скопје се надоврзува: „Постои пасивност што се однесува до граѓанската активност, особено кога се работи за креирањето политики, закони и за посистемски прашања што се однесуваат на целата држава. На локално ниво таа активност е малку повидлива, но, се уште е далеку од она што би требало да се очекува од демократска држава, во која граѓаните ќе бидат дел од донесувањето одлуки и креирање политики. Не само да бидат 'гледачи“.

Неодамна предлогот на граѓанската иницијатива „АМАН“ за измени на Законот за енергетика, заради поефтинување на струјата, беше отфрлен во Собранието, иако беше поткрепен со 13 илјади потписи на граѓани. Се најавува нов обид, поткрепен со 150 илјади потписи на граѓани.

„Владејачките структури немаат доволен демократски капацитет“

Зошто настануваат граѓанските иницијативи? Како „минуваат“?

Мехмети смета: „Минуваат иницијативи кои што не и противречат многу на општата политика на владејачките структури. Потребен е поголем демократски капацитет кај тие структури, за да можат да ги надминат своите теснопартиски вредности и сфаќања и да прифатат нешто што можеби не се совпаѓа толку со нивната политика и идеологија. Тука е проблемот, поради кој има толку малку прифаќања на граѓанските иницијативи, кои се во контрадикција со ставовите што ги застапуваат владејачките структури општо од сите политички партии досега“.

Најчевска вели: „Граѓанските иницијативи имаат улога да контролираат, да претставуваат некој вид брана против самоволието на власта. Постојат такви иницијативи, но се во зародиш, има простор за нивно натамошно развивање. Не е проблемот во иницијативите: за да може која било од нив да предизвика некаков резултат, мора од другата страна да постои демократска структура готовна да реагира на иницијативите, вршејќи промени. Сега што и да направат граѓаните, во колкав број и да излезат во јавноста, нема да можат да предизвикаат никаква промена.“

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: AP

Бројот на граѓанските организации бележи значителен пораст: до 2010 година биле регистрирани 11.457, главно граѓански здруженија и фондации. Досега се пререгистрирале 3.732 организации.

Сметајќи дека се уште не постојат автентични граѓански иницијативи, Ацевски заклучува: „Тоа е она застрашувачкото во општеството. Дури се режира ситуација и самата држава да основа невладини организации, за да се создаде привид на спротивставување и демократија.“

„Владата во својата „Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор до 2017 година“ прокламираше дека „отвореноста и граѓанското вклучување играат значителна улога во поттикнување на отчетноста, промовирањето на иновативноста и развојот“. Останува да се види колку ќе биде реализирана таа стратегија во следните пет години.