1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните на Туркменистан бираат претседател

12 февруари 2012

Околу три милиони жители на Туркменистан избираат шеф на државата меѓу осум понудени кандидати. Се очекува реизбор на претседателот Гурбангули Бердимухамедов. Критика доаѓа од Западот.

https://p.dw.com/p/1429f
Фотографија: Reuters

Освен актуелниот претседател Гурбангули Бердимухамедов на изборите во Туркмeнистан учествуваат уште седум други кандидати. Но, овие претседателски кандидати се исто така од редовите на владејачката структура. Двајца од нив се министри во актуелната влада на Туркменистан, четворица се директори на државни претпријатија, а еден е регионален управник.

Агенцијата ДПА пренесува дека на сите изборни места владее празнично расположение. По налог на претседателот Бердимухамедов се одржувале и концерти и настапувале артисти.

Turkmenistan / Berdymuchamedow / Berdymukhamedov / Präsident
Претседателот Гурбангули БердимухамедовФотографија: AP

До пладне по локално време според официјалните резултати својот глас го дале речиси половина од изборачите. Избирачките места би требале да бидат затворени во 16 часот по средноевропско време.

Аналитичарите проценуваат дека актуелниот претседател Гурбангули Бердимухамедов ќе извојува убедлива победа и дека ќе освои втор претседателски мандат.

Бердимухамедов дојде на власт во оваа со нафта и гас богата земја во 2006 година по смртта на долгодишниот претседател и „татко на Туркмените“ Сапармурат Нијазов. Критичарите го обвинуваат 54 годишниот Бердимухамедов за повреда на човековите права како и угнетување на оние кои мислат поинаку.

Западните медиуми изборите ги оценуваат како фарса, а против-кандидатите на Бердимухамедов за статисти во изборниот процес. Поради ваквата состојба, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) реши да не испраќа своја набљудувачка мисија на овие избори. Меѓутоа ОБСЕ до сега никогаш не прогласил некој изборен процес во Туркменситан за слободен и фер.

Автор: АТ/ АМ/ миа/ дпа /афп

Редактор: Александар Методијев