1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните на САД смеат да поседуваат рачно оружје

Ралф Сина27 јуни 2008

Врховниот суд на САД донесе историска пресуда, според која секој граѓанин има право да поседува рачно оружје. Ова е голема победа на моќното лоби на индустријата за оружје.

https://p.dw.com/p/ERlj
Носењето машинско оружје на улиците останува и понатаму незаконскоФотографија: APGraphics


Тоа е најубавиот ден на неговиот живот, се радува пред камерите трговецот со оружје Џеј Валас од сојузната држава Џорџија.


„Имаме индивидуално право да чуваме и носиме оружје, ова е голем ден, што ќе влезе во историјата!“


Според него одлуката на Врховниот суд им го враќа чувството на татковина на сите слободољубиви Американци. Тој нагласува дека сега може повторно да верува во Америка.


Разјаснување на историската дилема


Радост и олеснување поради ваквата одлука на Врховниот суд имаше и во круговите на влијателното лоби на индустријата за производство на оружје, како и во Белата куќа. Прв пат по цели седум децении судиите на највисоката судска инстанца во земјата се осмелија да дадат нова интерпретација на спорниот став во Уставот на САД каде станува збор за „правото на народот да поседува оружје“. До сега беше нејасно дали творците на уставот мислеле на целиот народ или пак на поединечните граѓани.


„Постои уставно право на поседување рачно оружје и тоа во сопствените четири ѕида“ – појаснува експертот за уставно право Џефри Тубин.


Индивидуалното право пред безбедноста на другите


Судиите на врховниот суд со оваа пресуда, донесена со многу тесно мнозинство, одлучија дека индивидуалното право на поседување оружје е поважно од оправданите стравувања на шефовите на полицијата и обичните граѓани во многубројните американски градови за сопствената безбедност. Сепак и тие водеа сметка за безбедноста на граѓаните и не дозволија општо право на оружје од секаков вид:


„И во идинина не постои уставно право на поседување ракети земја – воздух“ – појаснува правниот експерт Тубин.


Експертите веќе сега гледаат проблеми околу дефиницијата на тоа што значи рачно оружје, исто како и што значи негова домашна употреба. Градоначалникот на Вашингтон Адријан Фенти, каде 32 години важеше забраната за носење оружје во јавни простори, порача:


„И покрај одлуката на Врховниот суд никој не смее да носи рачно оружје на улиците во главниот град.“