„Градските писатели“ од полза за сите
29 октомври 2011Херта Милер, Петер Римкопф или Волфганг Хилбиг- германски писатели кои имаат едно нешто заедничко. Имено тие имале можност да работат како т.н. градски писатели. Во Германија во моментов има повеќе од 20 градови кои делат такви стипендии, меѓу нив Мајнц, Дрезден или Франкфурт на Мајна. Колку што е едноставна оваа идеа е толку и успешна. На писателите, кои честопати едвам составуваат крај со крај, некој град им овозможува една година да живеат во репрезентативни апартмани, а покриени се и сите трошоци на живот, вклучително и пристоен месечен хонорар. Писателите од своја страна имаат обврска во таа една година повеќе или помалку да живеат во тој град, понекогаш репрезентативно да се појават на определени локални свечености, а пред се’ да пишуваат и пишуваат.
Место во современата литература
Ползата е взаемна. Додека писателите конечно добиваат можност за творење без постојаните егзистенцијални грижи, градовите го подобруваат својот имиџ и севкупно културната понуда, објаснува Петер Бетинг, раководител на музејот Курт Тухолски во малото градче Рајнсберг, 70 километри северно од Берлин:
„Ние сакаме да ги привлечеме авторите, кои по можност би напишале нешто за Рајнсберг“, вели Бетинг и додава: „Со статутот на стипендијата тие не се обврзани на тоа, но јас би можел да се обидат да ги наговорам“.
И токму тоа е она што градот го добива од целата акција: малиот Рајнсберг е забележан во современата литература. Досега повикот на Рајнсберг за такви стипендии го прифатиле и автори на бестселери како Волфганг Хилбиг и помалку познати книжевници како што се Берт Папанфус, Фолкер Браун и Виглаф Дросте.
Поттикнување на литературното творештво
Оваа година таа стипендија ја користи Кристина Кениг. До крајот на годината оваа авторка на книги за деца е градската писателка на Рајнсберг. Таа со задоволство ја прифатила понудата, која и овозможува една година да не размислува за договори, нарачки или хонорари: „Мислам дека ваквите стипендии навистина го поттикнуваат книжевното творештво. И многу поттикнува тоа што градските сепак се во постојан контакт со граѓаните во градот каде што престојуваат“.
Кристина Кениг за време на својот престој во Рајнсберг работи на својот прв роман за возрасни, а вообичаено е и градските писатели да учествуваат и на јавни литературни читања: „Моја намера е на крајот градот од мене да има исто толкава полза како и јас од него. Легитимно меѓутоа е и некој само да се повлече во својата соба да пишува и со месеци да не излегува од неа“, додава писателката.
Автор: Свен Кестнер/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска