1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градинки со мултиетнички мозаик

3 октомври 2010

Цели 12 години во дел од детските градинки во Македонија дечиња на возраст од 3 до 6 години создаваат еден интеретнички мозаик, исполнет со игри, дружења, запознавања едни со други и со јазиците на „другиот“ со себе.

https://p.dw.com/p/PPSq
Градинката „Младост“ во Тетово е дел од проектот „Мозаик“Фотографија: DW/Toevski

Токму „Мозаик“ е насловот на моделот на современо мултикултурно образование и воспитување на децата од предучилишна возраст во етнички мешани и двојазични групи со едукација на македонски, албански, турски и српски јазик. Невладината организација „Потрага по заедничка основа“ од Скопје го реализира овој проект уште од септември 1998 година. Тој се спроведува во 13 детски градинки во 9 општини во Македонија. Со какви резултати досега?, ја праша Дојче веле Вилма Венковска – Милчев, извршна директорка на споменатата невладина организација.

Vilma Venkovska Mazedonien
Вилма Венковска- Милчев, директорка на „Потрага по заедничка основа“Фотографија: Vilma Venkovska

Таа одговара: „Преку употребата на двата јазика во билингвалните групи ние промовираме и еднаквост на културите Целта е да се постигнат заемна и меѓусебна социјализација на децата од различни етнички средини, развивање свест за меѓусебна толеранција кај нив од најрана возраст, негување на чувство за припадност едни покрај други. Низ секојдневното дружење тие се учат на толеранција и почит кон различните етникуми и култури. Групите се етнички мешани - македонски и албански, некаде и со воспитубачки на турски и српски јазик. Во нив се ангажирани по две посебно обучени воспитувачки кои билингвално работат со децата..“

За децата не е важен јазикот туку играта

Со финансиска поддршка на Швајцарската агенција на соработка и развој и на Шведската меѓународна агенција за развој „Мозаик“ се реализира и во координација со македонските министерства за образование и за труд и социјална политика. Како се применува во праксата овој модел на образование?

Kindergarten in Tetovo Mazedonien
Воспитувачката Марија Митревска и децата кои се дел од проектот „Мозаик“ во градинката во ТетовоФотографија: DW/Toevski

Сахиде Муслиу, воспитувачка на албански јазик во двојазичната „Мозаик“ – група во една од детските градинки во комбинираната установа „Младост“ во Тетово, посочува: „За децата не е важно на кој јазик се зборува, туку да се разберат и меѓу себе да си играат, без оглед кои се: Македонци, Роми и Албанци. Ако се разбираат во играта, тие играат без разлика на кој јазик се зборува. Кога ќе притреба, им се преведува од едниот на другиот јазик и обратно. На дечињата им се овозможува се да разберат на својот мајчин јазик.“

Воспитувачката на македонски јазик Марија Митревска од истата група се надоврзува: „Во нашево мешано општество добро е да постојат уште повеќе вакви проекти со етнички мешани групи – Македонци со Албанци, да нема делења. Самите родители го прифатија многу добро проектот. ’Мозаик’ помага во комуникацијата на родителите надвор: тие знаат понекогаш и да се соберат да се прашаат како е.“

Некаде дури и листи за чекање за градинките „Мозаик“

Тригодишната Марта пред микрофонот на Дојче веле си кажа кои се нејзините другарчиња меѓу Македончињата и Албанчињата, со кои си игра додека е во градинката: „Јас си играм Тамара, со Радмила и со Бленди. Играме со Бленди.“

Kindergarten in Tetovo Mazedonien
Децата сакаат да се дружат меѓусебеФотографија: DW/Toevski

Џевахире Синани, воспитувачка на албански јазик во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово, која е во проектот „Мозаик“ уште од 1998 година, посочува. „ Децата стануваат потолерантни и можат да се разберат со своите врсници кои зборуваат на други јазици. Благодарејќи токму на овој проект сега во Куманово е многу голем интересот на децата – Албанчиња за градинките. Порано тие не беа речиси воопшто опфатени со овие институции.“

Од низа детски градинки информираат дека се повеќе родители се решаваат своите деца да ги запишат не во класичните групи, туку во двојазичните „Мозаик“ групи. Некаде има дури и листа на чекање. Проектот се наоѓа во последната фаза од неговото реализирање, или ,веројатно, пред некој нов почеток: во јули оваа година заврши финансирањето од страна на меѓународните донатори, но, веќе се анализираат можностите за негова институционализација, поточно за трајно вградување во македонскиот образовен предучилишен систем. Како модел не само за едукација, туку и за учење како се кршат меѓуетничките стереотипи и негативните предрасуди во Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски