1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градежниците бараат инфраструктурни проекти

19 февруари 2010

Актуелната економска криза тешко го погоди градежниот сектор во Македонија. Спас од ситуација, од секторот гледаат во реализација на инфраструктурни проекти, пред се’ во нискоградбата.

https://p.dw.com/p/M5Ry
Фотографија: Christina Assmann

Актуелната криза, која според последните оценки на бизнис заедницата е далеку од завршена, удри силно и по фирмите од градежниот сектор во Македонија. Најмногу се погодени помалите фирми. Тие немаат доволно капацитети да се справат со неа. Големите компании може да се каже дека се одржуваат во живот преку доработката и реализацијата на веќе договорените проекти. Меѓутоа ако се суди според последните статистички податоци и прогнози, ситуацијата станува речиси алармантна. Побарувачката е намалена за повеќе од 20%, активностите на странските пазари како Хрватска и Украина се стопирани, а компаниите се соочени со зголемени трошоци по основ на камати за околу 11%.

Потребно е брзо отпочнување на градежните активности во делот на патните правци

Strasse in Kumanovo, Mazedonien
КумановоФотографија: Petar Stojanovski

Од овој сектор гледаат спас во владата. Од неа тие упорно бараат засилено да се фокусира на реализација на инфраструктурните проекти, пред се’ во нискоградбата. Првиот човек на здружението на градежништво при Стопанската комора на Македонија, Марија Петровска, бара брзо отпочнување на градежните активности на патните правци, посено кон Грција, железничката пруга кон Бугарија и рехабилитација на постојната патна инфраструктура во земјата, како основен предуслов за развој на стопанството и туристичката гранка.

Големите бирократски процедури за добивање дозвола и одобрение за градење се дополнителен проблем за градежниците, посебно доколку спаѓаат во надлежностите на локалната самоуправа. Петровска нагласува дека постапката околу добивањето на одобрение за градење мора да биде брза и ефикасна.

Мал ефект од намалувањето на ДДВ за становите

Baustelle von Hotel Viktoria neben dem Stadium Donbass Arena
ГрадилиштеФотографија: DW

Последна владина мерка за амортизација на последиците од кризата во градежништвото беше намалувањето на данокот на додадена вредност за становите од 18, на 5%. Меѓутоа на теренот засега не може да се почувствуваат резултати, пред се’ во продажбата на становите, која и натаму стагнира. Цените за квадрат се намалија минимално, што според градежниците е резултат на високите комуналии и скапите градежни парцели. Во Македонија во моментов функционираат 300 компании кои согласно новиот закон за градба имаат обезбедено лиценци за работа.

Најголем проект од областа на инфраструктурата, кој владата планира да го реализира во текот на годинава е тендерот за концесија на 380 километри автопатишта низ земјата. Концесијата се доделува за изградба, реконструкција, одржување, наплата на патарина и користење на дел од патиштата, за период од 35 години.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска