Грабнувачот од Инголштат е уапсен
20 август 2013Единиците на специјалните сили на полицијата вчеравечер, по речиси деветчасовна заложничка драма во Градското собрание на Инголштат, успеаја да го совладаат и уапсат грабнувачот и да ги ослбодат последните двајца заложници. Грабнувачот е 24-годишно момче, кое долго време следело вработена во Градското собрание и имало забрана за влез во оваа институција. Според полицијата, лицето веќе било казнувано, а освен тоа имало и големи психички проблеми. Уапсениот грабнувач, кој при акцијата на ослободување на заложниците е погоден од куршум, но повредата не е тешка, денеска треба да биде изведен пред истражен судија. Двајцата заложници, меѓу кои и жената која грабнувачот ја следел долго време, не се повредени.
По заложничката драма, баварската министерка за правда Беате Мерк побара заострување на законите против стокинг (патолошко следење лица и нивно вознемирување, н.з.). Според Мерк, постоечката регулатива не е доволна. Имено, според актуелниот закон, се интервенира само во случаи кога стокерот ѝ го попречува многу нормалниот живот на жртвата. Притоа, меѓутоа, не се зема предвид „колку жртвата страда душевно“, критикува Мерк. Баварскиот предлог за заострување на законот е на маса, нагласи Мерк и ги повика и другите покраини да дадат согласност.